рецепт за божиќна ѕвезда

Божиќна ѕвезда со ванила

Празничните рецепти секогаш се добредојдени! Овој период сите од нас поминуваат повеќе време во кујната приготвувајќи интересни и вкусни рецепти. А кога сме кај нив, Лидија постојано воодушевува со нејзините новогодишни и божиќни креации и рецепти. Овој пат, таа го сподели рецептот за популарната божиќна ѕвезда со ванила.

Таа за рецептот вели: „Ако сакате гостите да ги воодушевите за празниците, направете го ова превкусно колаче. Јас го направив како подарок за на гости, па наместо цвеќе, однесов домашно колаче. Меко, сочно и многу декоративно за секоја божиќна блага трпеза.“

божиќна ѕвезда

Состојки:

  • 250 мл млако млеко
  • 100 мл течна павлака
  • 1 грам шафран
  • 100 грама шеќер
  • 25 грама свеж квасец
  • ½ лажичка сол
  • 100 грама путер на собна температура
  • 550 грама брашно.

Фил:

  • 70 до 100 грама путер на собна температура
  • 100 грама шеќер
  • 2 лажички ванилин шеќер.

Подготовка:

  1. Шафранот се толчи во толчник со 50 грама од шеќерот.
  2. Млекото се става во мал сад на оган. Во садот се додаваат шафранот со шеќерот. Се меша, додека млекото се затопли.
  3. Квасецот се става во сад за матење. Во садот се додава млакото млеко и се меша убаво, за да се раствори квасецот. Во садот се додаваат преостанатиот шеќер, павлаката и солта. Потоа смесата се мати со кратко време со миксер.
  4. Путерот се сече на коцки. Во садот со квасецот се додаваат путерот и брашното. Тестото се меси со миксер (со специјални маталки за тесто) на појака јачина, околу 5 минути. Потоа, садот со тестото се покрива и се остава да нарасне за време од 1 час.
  5. Во мал сад се ставаат состојките за филот и се мешаат со лажица, додека се добие убав крем.
  6. Тестото се става врз претходно набрашнета работна маса и се премесува. Тестото се дели на 4 дела. Секој дел се расукува во кружна кора со дијаметар од 25 см. Првата кора се става во тава обложена со хартија за печење и се премачкува со филот. Постапката се повторува и со другите кори, но последната (најгорната) кора не се филова.
  7. Во средината на корите се става ѕвезда или чаша. Се оставаат два см околу чашата и потоа се сечат надолжни ленти, така што треба да се добие изглед на сонце. Исечените ленти се вртат како спирали и на крај, две со две се спојуваат. За најдобро разбирање на постапката, ви предлагаме да го посетите блогот на Лидија и да ги погледнете дополнителните фотографии.
  8. Потоа, оставете ја ѕвездата да нарасне уште 30 минути. На крај, премачкајте ја со изматено јајце. Печете ја во загреана рерна (пониско во рерната) на 180 степени, за време околу 25 минути. Печената божиќна ѕвезда оставете ја да се излади, а потоа поросете ја со шеќер во прав. На здравје!
рецепт за божиќна ѕвезда

Рецептот го испратил: Лидија Јошевска.

Ви предлагаме да прочитате: Декоративна пита со нутела во вид на ѕвезда.

Сподели: