Брзи здрави мафини без шеќер и без глутен

Ако сте некој кој не може да си го замисли денот без нешто слатко, тогаш сигурно често имате проблем со спротивставувањето на желбата за уште една коцка чоколадо, парче торта и сите останати слатки задоволства. Иако вкусни, често слатките нешта не носат никакви нутритивни придобивки за нашиот имунитет и здравје.

Поради тоа, постојано барам алтернативи за слатките нешта кои би направиле повеќе добро отколку лошо. Така, креирав еден премногу едноставен и брз рецепт за слатки мафини без шеќер, без глутен, богати со храниви и здрави состојки, а засладени со свежи урми. Повторно можете и да додадете или одземете состојки, во зависност од вкусовите.

здрави мафини без шеќер

Состојки (за 6 големи мафини):

  • 1 ½ чаша овесни снегулки (мелени во облик на брашно)
  • 2 јајца
  • 1 или 2 банани (зависно од големината)
  • 6 или повеќе ситно сечкани (или мелени) свежи урми (замена за шеќер)
  • 30 грама мелени лешници (или бадеми, ореви)
  • 1 голема лажица путер од кикирики по желба
  • 100 грама јогурт по желба
  • 1 ќесичка прашок за печиво
  • чиа семе по желба
  • цимет по желба
  • протеин во прав по желба
  • замрзнато ситно овошје по желба
  • какао по желба.

Подготовка:

  1. Најпрво овесните снегулки се мелат со помош на блендер додека се добие брашно.
  2. Во сад за матење се ставаат јајцата и се матат со миксер. Кога ќе се постигни соодветната цврстина во садот се додаваат две пасирани зрели банани. Убаво се мати за да се добие хомогена смеса.
  3. Во смесата со јајца и банани се додава циметот и останати зачини по желба како и ситно сечканите урми. Бројот на урми зависи од тоа колку благи сакате да бидат мафините. Може да се додаде лажица или две чиа и сончогледови семки, за уште повеќе да се зголеми хранливата вредност на овие мафини.
  4. Во садот со овесното брашно се додава прашокот за печиво и се меша.
  5. Во садот со јајца се додава овесното брашно и печивото, и убаво се меша со лажица за да се соединат состојките. Во овој момент треба да добиеме густа смеса, но не премногу густа бидејќи мафините нема да бидат сочни. Доколку е премногу густа, може да се додаде до 100 грама јогурт, како и протеин во прав, што ќе ги направи овие мафини вистински оброк и за сите активни вежбачи.
  6. На половина од смесата може и да се додаде какао, со што би добиле интересен микс од црни и бели мафини. Како што може да видите, основата на рецептот е премногу едноставна, и можете да додавате нови здрави состојки со што би го менувале вкусот на мафините секоја пат. Пример за тоа се путер од кикирики, зачини или пак сушени или замрзнати парчиња овошје.
  7. Мафините се печат на 180 степени Целзиусови околу 20-30 мин или додека не ја извадите сува чепкалката за заби од нив (стар трик, но секогаш функционира). Можат да стојат заштитени неколку дена и да бидат одличен хранлив појадок или пак ужина.

Од мојата смеса испаднаа 9 помали мафини без шеќер (поради калапот) и според моите пресметки нутритивната вредност на еден мафин изнесува: 130 калории, 5 грама протеини, 20 грама јагленихидрати и 4 грама масти. Покрај тоа, повеќето од состојките вклучени се многу добри за здравјето. Додавајќи протеин во прав, овие мафини можат да бидат вкусна ужина за пред или после тренинг.  И без тоа, верувам дека овие здрави мафини без шеќер ќе станат еден од вашите омилени рецепти доколку сакате да внесете нови здрави навики во вашата исхрана.

Рецептот го испратил: Елена Бошковска

Следете ја Елена на Instagram.

Сподели: