ќофтиња од тиквичка и сирење

Вегетаријански ќофтиња од тиквичка и сирење

Тиквичките се лесно достапни во поголемиот дел од годината, имаат ниска цена и од нив може да се направат голем број на вкусни рецепти. Едни од омилените ќофтиња на многумина кои се припремат од зеленчук се меките, сочни ќофтиња од тиквичка и сирење.

Токму ваков лесен рецепт за подготовка на вегетаријански ќофтиња ни испрати Невена. И благодариме на Невена за споделениот рецепт, а ќофтињата од тиквичка изгледаат одлично и на нас ни останува да ги дегустираме.

ќофтиња од тиквичка и сирење

Состојки:

  • 1 средна (300гр) тиквичка
  • 120 гр рикота сирење или урда
  • 50 гр рендан кашкавал
  • 1 јајце
  • 4-5 лажици презла
  • сол и црн пипер
  • брашно и масло за пржење.

Подготовка:

  1. Тиквичката добро измијте ја и исушете ја со кујнска хартија. Чистата тиквичка изрендајте ја, ставете ја во сад и посолете ја. Оставете ја тиквичката околу 30 минути да ја пушти водата, а потоа добро исцедете ја.
  2. Во садот со тиквичката, додајте го сирењето, кашкавалот, јајцето, малку црн пипер, презлата и добро измешајте. Треба да се добие густа смеса за да може да се обликуваат ќофтињата, а доколку смесата е потечна по потреба додајте уште презла.
  3. Од смесата со тиквичка, со влажни раце формирајте ќофтиња и извалкајте ги во брашно.
  4. Во тава на оган, на средна температура ставете поголема количина на масло да се загрее.
  5. Во загреаното масло ставете ги ќофтињата и пржете ги од двете страни за време од 3 до 4 минути додека да добијат убава боја. Пржените ќофтиња од тиквичка извадете ги на салфетка или кујнска хартија да се впие вишокот на масло. Послужете ги топли со салата, варени јајца, јогурт и слично.

Рецептот го испратил: Невена Ѓероска

Ви предлагаме да прочитате: Ќофтиња од тиквички и изварка.

Сподели: