Гранола бар од здрави состојки - лесен домашен рецепт 1

Гранола бар од здрави состојки – лесен домашен рецепт

Ако сакате да се засладите со нешто домашно и вкусно, што знаете дека ќе ве исполни со енергија и ќе ви го подобри расположението, го читате вистинскиот рецепт. Направете испробано вкусна гранола бар од здрави состојки во вашата кујна. Ние пробавме и неодоливо е, а многу е лесно.

Нам ни се допадна вкусот на рецептот кој ви го предлагаме, а вие ако посакате, по желба може да додадете и чоколаден чипс, некое суво овошје или јаткасти плодови, ванила и слично. Од предложената доза се добиваат од прилика 10 гранола бар парчиња. Кога имаме малку време е супер идеја, па зошто да купуваме кога може да пробаме хранливо, домашно и вкусно?

Гранола бар од здрави состојки - лесен домашен рецепт 2

Состојки:

  • 200 гр урми (по можност свежи)
  • 1/2 чаша бадеми (по желба може да измешате ореви и бадеми)
  • 1/2 чаша микс од четири семиња од Фила
  • 1 1/2 чаша овес
  • 1/4 чаша мед или јаворов сируп
  • 1/4 чаша путер од кикиритки или од бадеми.

Подготовка:

  1. Најпрво исчистете ги урмите од семките. Потоа ситно исечкајте ги или уште подобро изблендирајте ги околу 1 минута, додека од нив се оформи смеса со конзистенција на „тесто“.
  2. Бадемите и семињата од миксот може да ги употребите непечени или да ги ставите кратко, во загреана рерна на 150 степени, околу 10-тина минути за да имаат поизразена арома. Ние ги обожаваме кога вкусот им е изразен, па препорачуваме да не го прескокнувате овој чекор.
  3. Во поголем сад ставете ги овесот, бадемите, миксот од четирите семиња и претходно измелените урми.
  4. Во сад на оган, на ниска температура загрејте го медот со путерот од кикиритките.
  5. Кратко потоа, додајте ја смесата од овес, бадеми, семиња и урми. Измешајте убаво да се соединат состојките и добро да се распределат урмите.
  6. Смесата распоредете ја во тава со просечна големина од 20х20см. Ако сакате потенки или подебели гранола барови слободно прилагодете ја висината по желба.
  7. Одозгора покријте ја смесата со најлонска фолија и притиснете за да израмните. За да ви биде полесно рамнењето на површината може да го правите со помош на чаша.
  8. Завиткајте ја штанглата во најлонско ќесе или со фолијата и ставете ја во фрижидер за замрзнување за време од 20 минути заедно со тавата во која сте ја обликувале.
  9. Потоа, извадете ја од фрижидер и исечете ја на 10 гранола бар парчиња или пак по желба може да направите 9 квадрати. Чувајте ги во затворен сад, а трајноста им е неколку дена. Ако сакате да бидете посигурни во тоа и да ви трааат подолго, чувајте ги во фрижидер. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Здрава проја со семиња – без глутен.

Сподели: