леб во тенџере

Домашен печен леб во тенџере

Изгледот на домашниот печен леб кажува дека има крцкава кора, а е мек како душа од внатре! Тоа ни го пренесе Лидија, која го направи овој вкусен домашен леб во тенџере.

Она што е интересно е начинот на печење на лепчето. Наместо тава, се користи тенџере со капак. Најпрво тенџерето се загрева и лепчето се пече со капак. А потоа за да добие убава крцкава кора, капакот се вади. Постапката низ слики, може да ја погледнете на блогот Slatki Tajni.

печен леб во тенџере

Состојки:

  • 25 грама свеж квасец
  • 300 мл вода
  • 300 мл млеко
  • 1 лажица мед
  • 1 ½ лажичка сол
  • 850 грама брашно.

Подготовка:

  1. Во сад за месење издробете го квасецот. Потоа во садот додајте ги млакото млеко и водата, и добро измешајте ги за да се растопи квасецот.
  2. Во садот додајте ги медот, солта и брашното. Измешајте го тестото со миксер. Треба да добиете потечно тесто, па затоа немојте да додавате брашно.
  3. Тестото оставете го да нарасне за време од 1 час.
  4. Работната површина посипете ја со поголема количина на брашно. Нараснатото тесто ставете го врз работната маса и формирајте топка.
  5. Земете една кујнска крпа и наросете ја со поголема количина на брашно. Топката ставете ја во крпата и добро завиткајте го тестото. Оставете го да нарасне уште 30 минути.
  6. Додека лебот нараснува, приклучете ја рерната да се загрева на температура од 250 степени. Во рерната ставете го тенџерето во кое ќе се пече лепчето.
  7. Штом лепчето нараснало, извадете го тенџерето од рерната и поросете го со малку брашно на дното.
  8. Лепчето внимателно ставете го во тенџерето. Тенџерето поклопете го со капак и ставете го да се печи малку пониско во рерната, за време од 25 минути. Потоа, намалете ја температурата на 225 степени и извадете го капакот. Продолжете со печењето уште 20 минути.
  9. Лепчето извадете го од рерната и оставете го кратко да се излади. Потоа, исечете го на парчиња и послужете го. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Домашен интегрален леб со четири семиња.

Сподели: