Домашна паштета од печурки и ореви 1

Домашна паштета од печурки и ореви

Можеби ќе помислите, полесно е да се купи, зошто да губам време… Но, искрено речено, секоја минутка инвестирана во подготовка на здрави оброци се исплаќа многу, а посебно кога ќе размислиме на подолг рок. Оваа домашна паштета од печурки и ореви е како создадена за појадок, од срце препорачуваме да ја пробате!

Домашните намази се интересни за целото семејство, а посебно ако ги направите вкусни и со љубов! Оваа паштета е баш неодолива. Кога ќе ја пробате ќе знаете!

Домашна паштета од печурки и ореви 2

Состојки:

  • 250 гр свежи шампињони
  • 30 гр ореви
  • 1 варено јајце
  • ½ мала главица кромид
  • 2 чешниња лук
  • прстофат од мајоран и од мајчина душичка
  • 70 гр путер
  • 2-3 лажици масло
  • 1 лажица крем сирење
  • сол и црн пипер по вкус.

За сервирање:

  • леб по потреба
  • младо зелено кромидче по потреба.

Подготовка:

  1. Печурките исчистете ги, измијте ги и исечете ги на ливчиња.
  2. Во тава со маслото пропржете го кромидот и лукот ситно исечкани, малку колку да пуштат мирис.
  3. Потоа додајте ги печурките, мајоранот, мајчината душичка, солта и црниот пипер.
  4. Оставете ги да се пржат 10-тина минути на среден оган, додека водата што ја пуштаат печурките испари. Тргнете ги на страна и оставете ги да изладат.
  5. Откако ќе се изладат ставете ги во блендер и додајте ги останатите состојки, оревите, путерот, јајцето, крем сирењето и блендирајте додека се добие мазна и изедначена смеса. Пробајте и ако е потребно додајте сол по вкус.
  6. Добиената паштета ставете ја во соодветен сад и покриена оставете ја во фрижидер најмалку 1 час да се лади.

Предлагаме да ја послужите намачкана на леб и посипана со сечкано младо кромидче. На здравје!

Рецептот го испратил:  Невена Ѓероска.

Ви препорачуваме да прочитате: Здрав намаз – домашна паштета од маслинки.

Сподели: