пинерлии со сирење

Домашни пинерлии со сирење

Домашните пинерлии со сирење се едни од омилените печива на многумина. Меки и топли со фил, тие се супер предлог за појадок во комбинација со чаша јогурт или чај. А, и ние не можевме да им одолееме, па ги пробавме во нашата кујна.

Пинерлиите се карактеристични за Македонската кујна. Се приготвуваат со сучење на тесто кое се полни со сирење или изварка. Освен за појадок, може да ги послужите и кога ќе ви се најават гости. Ако ви останат повеќе, слободно замрзнете ги и користете ги по потреба, вкусот не се менува значително ако добри ги спаковате.

пинерлии со сирење

 

Состојки:

  • 1 коцка свеж квасец
  • 1 лажица шеќер
  • 100 мл млака вода
  • 1 кг брашно
  • 1 јајце
  • 500 мл јогурт
  • 3 мали лажички сол
  • ½ филџан масло
  • дробено сирење или изварка по потреба
  • 1 јајце за премачкување
  • сусам по потреба.

Подготовка:

  1. Во длабок сад за месење се ставаат квасецот, 1 лажица брашно, шеќерот и водата. Смесата се меша убаво додека квасецот се растопи. Потоа, се остава за време од 10 до 15 минути, додека квасецот нарасне.
  2. Брашното се сее со сито.
  3. Во садот со квасецот се додаваат јогуртот, брашното, јајцето, солта и маслото. Се замесува меко тесто.
  4. Тестото се дели на 20 делови. Од секој дел се формира топче.
  5. Врз набрашнета работна површина од секое топче со сукалото се расукува правоаголна кора, па врз кората се става дробено сирење или изварка и се витка како ролат од кој се формира пинерлијата. Постапката се повторува и со другите топчиња од тесто.
  6. Готовите пинерлии се редат во намрсена тава за печење и се оставаат да нараснат за време од 1 час.
  7. Нараснатите пинерлии се премачкуваат со разматено јајце и се наросуваат со сусам.
  8. Се ставаат да се печат во загреана рерна на 220 степени. Пинерлиите се печат околу 20 минути, додека добијат убава румена боја.
  9. Печените пинерлии извадете ги од рерната и покријте ги со кујнска крпа. Оставете ги кратко да се изладат, а потоа послужете ги. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Мини срциња – солени грицки со сирење.

Сподели: