Едноставна чорба од леќа

За ручек или вечера, ви предлагаме да направите едноставна и многу вкусна чорба од леќа. Леќата припаѓа во групата на зрнести мешунксти зеленчуци, заедно со гравот, грашокот и боранијата. Се претпоставува дека леќата е првата намирница која човекот започнал да ја одгледува уште од камено доба.

Гледано од нутритивен аспект, леќата не содржи заситени масти и холестерол, а е одличен извор на растителни влакна. Консумацијата на храна богата со растителни влакна помага во намалување на нивото на шеќер и холестерол во крвта, и забрзување на метаболизмот на варење на храната.

Затоа пробајте ја оваа чорба од леќа која не се припрема со запршка и не содржи глутен. А ако сакате да ја направите во посна и вегетаријанска верзија, не ставајте чајна.

чорба од леќа

Состојки:

  • 200 грама леќа
  • 1,5 литри вода
  • 150 грама чајна
  • 2 лажици масло
  • 1 стебленце млад лук
  • сол и црн пипер
  • 1 мала лажичка црвена пипер
  • 2 лаворови листови.

Подготовка:

  1. Леќата добро измијте ја и ставете ја во тенџере со вода се вари на силна температура. Штом леќата ќе зоврие, температурата намалете ја. Варете за време од 30 минути со повремено мешање.
  2. Лукот исечкајте го ситно. Чајната исечкајте ја на кругови, а потоа круговите исечкајте ги на четвртини.
  3. Во тава на оган ставете го маслото да се загрее. Во загрееното масло ставете го лукот да се пропржи. Пржете 1 до 2 минути, а потоа додајте ја чајната. Пржете уште две минути.
  4. Штом леќата ќе се свари, во тенџерето додајте ги лукот, чајната и маслото од тавата. Посолете по вкус и наросете со црн пипер. Леќата измешајте ја и додајте ја црвената пипер и лаворовите листови. Варете уште 2 до 3 минути.
  5. Готовата чорба од леќа послужете ја додека е топла. На здравје!

Сподели: