Запржени пиперки со јајца, домати и магдонос 1

Запржени пиперки со јајца, домати и магдонос

Не мора да е сложено за да биде вкусно, тоа е често нашето мото. Рецептов нема некои специфичности, баш е едноставен, брз и лесен и настана во едно такво утро кога имавме потреба да припремиме нешто вкусно и хранливо на брзинка. Пробајте го вкусот на запржените пиперки со јајца, домати и малку магдонос.

Пиперките запржени со доматите имаат сочна свежина, јајцата ги поврзуваат и ги прават уште повкусни, а магдоносот додава посебен шмек на јадењето. Ние го сакаме црниот пипер, па и од него додадовме малку за вкус. А, кога се јаде вакво јадење може ли да изостане сирењето? Ретко кој би го изоставил! Кратко време на подготовка, за долго уживање во денот!

Запржени пиперки со јајца, домати и магдонос 2

Состојки:

  • 8-10 зелени пиперки
  • 1 поголем или 2 помали домати
  • 4-5 јајца по желба
  • црн пипер по вкус
  • сол по вкус
  • магдонос по желба
  • 2-3 лажици масло за запржување.

Подготовка:

  1. Пиперките измијте ги и исечкајте ги на кругови. Во тавата турете малку вода и малку масло и ставете ги прво да омекнат, а потоа запржете ги.
  2. Доматите измијте ги и исечкајте на ситни коцки, а потоа додајте ги во малку запржените пиперки.
  3. Посолете по вкус и додајте малку црн пипер. Измешајте.
  4. Пред да го додадете магдоносот, измијте го и ситно исечкајте го.
  5. На крај додајте ги и јајцата и штом се запржат и измешаат со останатите состојки, јадењето е готово. Брзо и лесно, на здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Пржени јајца со пиперки и маслинки.

Сподели: