Здрави кори од тиквички 1

Здрави кори од тиквички

Брзо и лесно, а што е важно здраво и вкусно! Не чекајте тиквичките да ви се расипат во фрижидерот и да ја изгубат свежината, наместо тоа претворете ги во здрав оброк. Така, ако сакате од оброкот да добиете свежина и енергија за наредните часови во денот, пригответе си домашни и здрави кори од тиквички. Многу се убави и за да бидат дел од ручекот, а прекрасни се и како лесна вечера. Испробано од нас, ги обожаваме кога се направени на овој начин!

Во делот каде ја опишуваме подготовката, може да прочитате и предлози како да ги комбинирате и сервирате за да бидат комплетен оброк. Наликуваат на салата, а одлични се и во комбинации за главно јадење.

Здрави кори од тиквички 2

Како да изберете најдобро кога купувате?

Кога ги купувате на пазар, внимавајте кората да е сјајна, неоштетена и свежа. Тврдата кора покажува дека тиквичката е зрела или презреана. По купувањето чувајте ги во најлонска ќеса во фрижидер.

Неколку факти зошто се корисни за здравјето

Енергетската вредност на 100 грама тиквички е 17 калории. Тие не содржат заситени масти и холестерол. Позитивни и значајни се во превентивата од атеросклероза, срцев удар и мозочен удар.  Благодарение на високиот процент на вода и растителните влакна, тиквичките се идеални при диети и здрава исхрана, превенираат појава на запек и го намалуваат ризикот од канцер на дебелото црево. Редовното консумирање на тиквички помага за намалување на покачениот холестерол и триглицеридите во крвта. Тиквичкитe особено се препорачуваат за дијабетичарите, бидејќи ја намалуваат ресорпцијата на глукозата во организмот. Додека пак, фитонутриентите кои се во состав на тиквичките, делуваат антиканцерогено, бидејќи спречуваат мутирање на клетките.

А сега, да се вратиме на рецептот за здрави кори од тиквички.

Состојки:

За една порција:

  • 2 мали и млади тиквички.

Подготовка:

  1. Во сад на оган ставете вода да зоврие.
  2. Тиквичките измијте ги добро и потоа изрендајте ги на најкрупната страна на рендето, така што ќе добиете форма кругови кои наликуаат на тенки кори. Тиквичките треба да бидат млади и со нежна кора, затоа што не се лупат.
  3. Откако водата ќе зоврие, ставете ги претходно припремените тиквички.
  4. Оставете ги во врелата вода 2 до 2 ,5 минути.
  5. Во меѓувреме припремете друг сад со ладна вода и откако ќе помине потребното време корите од тиквички, префрлете ги од садот со врелата во садот со ладната вода.
  6. Оставете ги така 5-10 минути, па исцедете ги.
  7. Исцедените кори од тиквички се спремни за да ги комбинирате по желба и да ги сервирате. Наш предлог би бил да ги зачинете со малку хималајка сол, прстофат црн пипер, сирење и павлака за кремаст вкус и изглед. Може да ги јадете и со сос од месо. Испробано вкусни! На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Топено сирење со тиквички.

Сподели: