Здраво лепче со маслинки, семиња и домати 1

Здраво лепче со маслинки, семиња и домати

Од нашата кујна, направено со љубов од внимателно избрани состојки! Здравиот животен стил е наш императив, па се трудиме секојдневната исхрана да ја исполниме со што повеќе интересни јадења кои се добри за здравјето. Да се направи нешто што само е вкусно, лесно е, но да се направи нешто здраво и вкусно е предизвик! Па, предизвикот е остварен и топло ви препорачуваме да го пробате нашето здраво лепче со маслинки, семиња и домати!

Идејата за оваа вкусно лепче потекнува од љубовта кон италијанската кујна, или поточно речено пицата Маргарита во која главни состојки се доматите, босилекот и моцарелата. Секако ние ставивме бело сирење кое е карактеристично за нашето поднебје, а вкусот го надополнивме и со други состојки.

Сакавме да подготвиме нешто што е така вкусно, а да биде здраво за да може да јадат што повеќе луѓе. А, бидејќи за подготовка на ова лепче кое на некој начин може да се нарече и солена торта, се потребни повеќе состојки, предлагаме прво да ги организирате, а потоа да започнете со подготовката. Во листата на состојки, делумно ја објаснуваме припремата на состојките, а во делот за подготовка ќе можете да прочитате подетално. Во секој случај, вкусот е одличен и ви препорачуваме да не ве плаши постапката, туку да се охрабрите и да го подготвите за себе и за семејството!

Здраво лепче со маслинки, семиња и домати 2

Состојки:

  • 2 чаши овесни снегулки, иситнети во блендер
  • 1/2 чаша ржано брашно
  • 1 ќесичка прашок за печиво
  • 2 и 1/2 лажици семки од тиква од Фила
  • 2 лажици ленено семе од Фила
  • 1 лажица чиа семе
  • 2 средно големи домати, ситно сечкани
  • 60 мл вода
  • 3 јајца
  • 1/2 чаша вода
  • 2 лажици ладно цедено чиа масло од Фила
  • 15 ситно сечкани зелени маслинки
  • 1 и 1/2 чаша рендано сирење
  • 13-15 листови ситно сечкан свеж босилек.

Подготовка:

  1. Најпрво измешајте ги сувите состојки. Во сад ставете ги претходно избелндираните овесни снегулки и претворени во брашно, додајте го ржаното брашно, прашокот за печиво и измешајте.
  2. Потоа додајте ги семките од тиква, лененото семе, чиа семето и малку измешајте.
  3. Доматите измијте ги, исечете ги на ситни коцки, па со 60-те мл вода ставете ги во тава на оган за да омекнат. Околу 10 минути ќе бидат доволни, а потоа оставете ги да се изладат.
  4. Во меѓувреме, ситно исечкајте ги маслинките и изрендајте го сирењето.
  5. Босилекот измијте го и ситно исечкајте го.
  6. Кога се е спремно и додека се ладат доматите, во поголем сад изматете ги јајцата со миксер додека се претворат во густ крем.
  7. Потоа, во садот додајте ги изладените домати со течноста, додајте уште половина чаша вода, 2-те лажици ладно цедено чиа масло и измешајте со лажица.
  8. Додајте ги ситно сечканите маслинки, босилекот и ренданото сирење.
  9. На крај, пополека со постојано мешање со лажица, додавајте ги претходно измешаните суви состојки во течната смеса.
  10. Кога добро се изедначила смесата, ставете ја да се печи во тава со големина бр. 30. Тавата обложете ја со хартија за печење и печете во загреана рерна на 180 степени додека убаво зарумени. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Овесна проја со семиња, изварка и свеж босилек.

Сподели: