Здраво пикник лепче со спанаќ и јогурт 1

Здраво пикник лепче со спанаќ и јогурт

Инспирирани од љубовта кон прошетките и желбата да се зачува здравиот животен стил, баравме начин, како да креираме нешто што треба да исполни повеќе критериуми. Да трае, да биде вкусно и наредниот ден, а исто така да е лесно за носење и чување. Оттука и идејата да го овековечиме моментот на уживање, па го фотографираме нашето здраво пикник лепче. Ние избравме да си го надополниме уживањето и во преносно мини фрижидерче си понесовме и кисело млеко и павлака. Убаво си замезивме и задоволни од вкусното дружење, со радост го споделуваме рецептот со вас!

Нема бело брашно, а беше сочно и вкусно за јадење. Го бендисаа и најмалите. Без разлика дали станува збор за излети, кампирање, за долги патувања, одлично е за секаде.

Здраво пикник лепче со спанаќ и јогурт 2

Може да ве интересира: Брза проја со јогурт и сирење.

Состојки:

  • 1/2 чаша интегрално ржано брашно
  • 1 и 1/ 2 чаша пченкарно брашно
  • 1 ќесичка прашок за печиво
  • 2-3 чаши сечкан спанаќ (прилагодете по вкус)
  • 1 и 1/ 2 чаша рендано сирење
  • 4 јајца
  • 1 и 1/2 чаша нискомаслен јогурт од Млекара Здравје Радово со 1.5 % млечна маст
  • 30 мл масло
  • сол по вкус (зависно од тоа колку е солено сирењето).

Подготовка:

  1. Прво припремете го спанаќот. Измијте го и ситно исечкајте го.
  2. Сирењето изрендајте го и додајте го во садот со претходно припремениот спанаќ.
  3. Во тава со големина бр 30. ставете хартија за печење, за да ви биде спремна за подоцна.
  4. Јајцата матете ги со миксер за време од 5 до 7 минути, додека се згуснат, а потоа во садот додајте го нискомаслениот јогурт, маслото и промешајте со лажица.
  5. Додајте ги спанаќот и сирењето, посолете по вкус и измешајте.
  6. Во одделен сад ставете ги ржаното и пченкарното брашно, прашокот за печиво и со лажица измешајте ги. Откако сте ги измешале, додајте ги во садот со јајцата и смесата за пикник лепчето е готова.
  7. Кога е добро соединета и спремна, турете ја во претходно припремената тава за печење.
  8. Печете во загреана рерна на 180 степени, додека површината зарумени и на проба со дрвена чепкалка не останува ништо. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Безглутенска солена торта со урда и зеленчук.

Сподели: