Зелник со кисела зелка

Лидија повторно ни приреди вкусна радост! Овој пат ни направи традиционален зелник со кисела зелка. Толку убаво изгледа, што моравме да го споделиме рецептот со сите.

Од Лидија дознавме дека зелникот со кисела зелка и е најубав, па токму затоа го споделуваме овој рецепт. Ако не сте искусни во подготовка на зелник, штом го прочитате рецептот ви предлагаме да ги погледнете фотографиите со постапката за подготовка кои се објавени на блогот Slatki Tajni. Добра работа е што зелникот може да го направите и посен. Во тој случај наместо путер, користете маргарин.

Зелник со кисела зелка

Состојки:

  • 1 кг брашно
  • 1 лажичка сол
  • вода по потреба
  • 200 до 250 грама путер (доколку сакате да го направите посен, наместо путер ставете маргарин)
  • фил по желба (кисела зелка, спанаќ…).

Подготовка:

  1. Во сад за месење се ставаат брашното и солта. Смесата се меша со лажица и постепено се додава водата. Се замесува тесто.
  2. Работната маса се посипува со брашно, а потоа се продолжува со месење на тестото. Се меси за време од неколку минути, додека се добие убаво меко тесто.
  3. Добро измесеното тесто се формира како топка и се пресекува со нож во форма на крст. Потоа се превртува на другата страна и се продолжува со месењето. За најдобро разбирање на постапката, погледнете ги фотографиите кои се објавени на блогот на Лидија.
  4. Тестото се дели на два дела, а едниот треба да биде поголем.
  5. Од поголемиот дел со помош на сукало се формира кора. Кората се премачкува со путер, а потоа се сече како сонце. Секој дел се витка кон средината, а притоа се редат деловите еден врз друг. Кога сите делови се завиткани во средината, тестото се витка малку по краевите, за да се оформи топка и се остава да одмори некое време. Постапката се повторува и со вториот дел од тестото.
  6. Во меѓувреме се приготвува филот. Доколку користите кисела зелка, истата ситно исечкајте ја. Потоа кратко време запржете ја со малку масло.
  7. Тавата за печење премачкајте ја со путер. Првиот дел повторно исучете го како кора, малку поголема од тавата за печење. Со помош на сукалото, кората ставете ја во тавата, така што краевите ќе висат надвор од тавата.
  8. Врз кората ставете го филот. Потоа исучете ја другата кора во големина на тавчето. По желба, од кората формирајте набори. Краевите кои висат од првата кора, свиткајте ги околу тавчето. Ставете малку путер по краевите и ставете го зелникот да се пече во загреана рерна на 200 степени додека добие убава боја.
  9. Печениот зелник со кисела зелка извадете го од рерната и оставете го кратко време да се излади. Потоа исечете го на парчиња и послужете го. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Зелник со компири и праз.

Сподели: