домашни интегрални варени ѓевречиња

Интегрални варени ѓевречиња

„Голем број од нас обожаваат да го започнат денот со варен ѓеврек и чаша јогурт, а секако најлесно е да ги набавиме од маалската продавница во соседството или најблиската пекара до нашето работно место. Ви припремив рецепт кој ќе ви овозможи избор на потврден квалитет за она што го јадете, па ви предлагам да ги пробате и вие моите интегрални домашни ѓевречиња.“ – вели Катерина Шамбевска Спасеновска фудблогер и уредник од нашиот тим.

Овој рецепт го креирав во мојата кујна и можете да бидете потполно сигурни во прекрасниот вкус на домашно приготвените интегрални ѓевречиња. А за љубителите на ѓевречиња од бело брашно рецептот е тука на линкот и среќна сум што без број пати имам видено ваши пофалби и задоволни фотки со успешни ѓевречиња!“ –  со радост додава Катерина, која може да ја следите на инстаграм @katerina.shambevska.

домашни интегрални варени ѓевречиња

Состојки:

  • 700-800 гр интегрално грахам брашно (по желба дел од количината може да ја замените со ржано)
  • околу 100 гр пченични трици
  • 70 гр ленено семе
  • 1 коцка квасец
  • 2-3 лажици масло
  • 1 мала лажичка сол
  • 1 рамна мала лажичка шеќер
  • сусам по потреба (околу 400 грама)
  • 2-3 лажици мед.

Подготовка:

  1. Во сад за месење се ставаат квасецот заедно со солта, шеќерот и малку брашно.
  2. Се додава околу 100 мл млака вода и добро се меша.
  3. Откако квасецот ќе се растопи, во садот за месење се додаваат уште 400 мл млака вода, остатокот од брашното, триците, лененото семе и маслото.
  4. Тестото се меси добро се додека престане да се лепи по рацете и стане доволно мазно. Треба да знаете дека интегралното тесто е различно од тестото припремено од бело брашно, па затоа пожелно е подолго да се меси. А, исто така треба да знаете дека е малку потврдо од тестото од бело брашно.
  5. Добро измесеното тесто се дели на мали топчиња, зависно од вашата желба за големината на ѓевречињата (ѓевречињата на прикажаната слика се направени од топчиња големи колку помало јајце).
  6. Секое од направените топчиња поединечно се сукаат со раце, за да добијат долгунеста форма која потоа се поврзува во ѓеврече (трудете се да ги поврзете што подобро бидејќи во споредба со ѓевречињата од бело тесто може да ви се растурат поради помалата способност за прилепување на тестото).
  7. Во тенџере на оган ставете вода и мед да се варат. Количината на вода и мед варира и се прилагодува зависно од големината на садот во кој ќе се варат.
  8. Пожелно е готовата форма на ѓеврече веднаш да се стави во претходно припремена вода со мед која врие на оган.
  9. Интегралното ѓевречето е готово, односно варено и спремно да се изваде кога од дното на садот ќе се крене на површината на водата.
  10. Потоа, со помош на голема кујнска лажица со дупки се вади од водата со мед, па се става директно во садот со сусам и добро се налепува од сите страни.
  11. Варените ѓевречиња се ставаат во намрсен плех или тава обложена со хартија за печење и печат во загреена рерна на 250 степени додека убаво заруменат.

Дегустирани и одобрени од најпребирливите, на здравје!

Препорака од авторот:

Ако го пробате рецептот и сакате да ве споделам на моето стори, тагирајте ме или испратете ми порака. Чест ми е кога ве инспирирам, па за многу повеќе испробани рецепти и убави фотографии следете ме на моите профили Катерина Шамбевска Спасеновска на Instagram или Facebook.“ – вели Катерина. 

Автор на рецепт и фото: Катерина Шамбевска Спасеновска, @katerina.shambevska.

Ви препорачуваме да прочитате од авторот и: Домашни варени ѓевречиња.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: