крем супа од компири и праз

Крем супа од компири и праз

Домашна, топла и вкусна! Вака може да ја опишеме хранливата крем супа од компири и праз која ја приготви Лидија. Комбинацијата на праз и компири одлично се вклопува во различни рецепти за супа, а ако досега немате пробано, еве супер можност. 

Ако обожавате домашни супи, тогаш вреди да издвоите малку време и да ја пробате оваа крем супа од компири и праз. Подготовката и потребните состојки се едноставни, па така секој може да ја направи, без разлика на кулинарското искуство. Супата ја препорачуваме за мали дечиња, повозрасни лица, но и за сите останати.

крем супа од компири и праз

Состојки:

  • 6 компири
  • 1 страк праз
  • 2 лажици путер
  • 800 мл вода
  • ½ мала лажичка сол
  • мелен црн пипер
  • 1 до 2 коцки супа од зеленчук
  • 4 лажици неутрална павлака.

Подготовка:

  1. Празот и компирите се мијат, чистат, лупат и се сечкаат на помали парчиња.
  2. Во подлабоко тенџере, на умерена температура се става путерот да се растопи. Во растопениот путер се додаваат сечканите праз и компири. Зеленчуците се пржат додека празот омекни.
  3. Во тенџерето се додаваат водата, коцката супа и солта. Супата се меша со лажица и се зачинува со мелен црн пипер по вкус.
  4. Штом супата зоврие, температурата се намалува. Се остава супата да се вари на тивок оган за време од 15 минути, додека компирите омекнат.
  5. Со рачен блендер се миксира супата додека се добие хомогена смеса. Во супата се додава неутралната павлака. По желба може да се додаде повеќе вода и зачини.
  6. Варената крем супа од компири и праз послужете ја додека е топла. На здравје!

Рецептот го испратил: Лидија Јошевска.

Ви предлагаме да прочитате: Домашна крем супа од праз и компири.

Сподели: