Лесен рецепт за теријаки пилешко 1

Лесен рецепт за теријаки пилешко

Кога имате потреба да зготвите нешто брзо за вечера, нема да згрешите ако го пробате овој лесен рецепт за теријаки пилешко! Посебно го обожаваме, затоа што е едноставен, некомплексен и приготвен од здрави состојки. Често пати го подготвуваме во нашата кујна, па помисливме дека би било одлично да го фотографираме и да го споделиме ова вкусно уживање со вас.

Има многу варијации за подготовка на овој јапонски специјалитет, но откако го откривме овој рецепт, кој скоро е невозможно да го погрешите, не престанавме да го користиме и нашата потрага конечно заврши. Дефинитивно препорачуваме да го пробате!

Лесен рецепт за теријаки пилешко 2

Што се однесува на сосот, „тери“ кој е дел од зборчето теријаки, во буквален превод значи „сјајно“, а тоа е една од карактеристиките на пилешкото месо во овој рецепт. Станува сјајно и примамливо. Како и да е, убавината на ова јадење е во едноставноста, па еве го рецептот.

Состојки:

  • 500 гр пилешки стек
  • 1 помала или 1/2 поголема главица кромид
  • малку масло
  • сол и црн пипер по вкус.

За сос:

  • 100 мл соја сос
  • 1 полна лажица мед
  • 1 лажица сусам

За прилог:

  • 1 чаша интегрален ориз
  • 300 гр брокула.

Подготовка:

  1. Прво ставете го оризот да се вари во поголема количина на вода. Откако оризот е скоро сварен, ако сакате да заштедите време, претходно измиената и исечкана брокула на помали цветови, може да ја ставите да се обари во водата заедно со оризот. На брокулата и се доволни и се 5-8 минути, ќе омекне и ќе ја задржи убавата зелена боја. Доколку пак, сакате оризот и брокулата да ги сервирате одделно, обарете ја во одделен сад. Исцедете ги низ ситна цедалка и прилогот е готов.
  2. Во меѓувреме припремете ги месото, кромидот и сосот. Кромидот излупете го и главицата пресечете ја на половина, а потоа исечкајте ја на „месечинки“, односно долги кришки.
  3. Пилешкиот стек треба да биде исечкан на коцки со големина од околу 1.5-2 см. Во малку масло, кратко запржете го на ниска температура, а потоа во тавата додајте го и претходно припремениот кромид. Посолете по вкус и додајте црн пипер.
  4. Во сад добро измешајте ги соја сосот, сусамот и медот.
  5. Откако коцките пилешки стек се запржат, а кромидот добие стаклест изглед, во тавата додајте го и претходно припремениот сос. Динстајте уште 5-10 минути, или додека сосот малку се згусти и убаво се распредели.
  6. Од приготвеното пилешко, сервирајте за секој во порција, па додајте го традиционалниот прилог (претходно сварениот и исцеден ориз и обарената и исцедена брокула). Уживајте во вкусот, на здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Направете јапонски омлет.

Сподели: