Лубеница

Лубеница – откријте ги придобивките од секое парче

Едно од омилените десертни освежувања и одлична замена за сладолед за сите кои сакаат да се заблажат со здрави калории, фантастичната лубеница крие придобивки за здравјето во секое парче. Да ја искористиме сезоната максимално!

Што е лубеница и од каде доаѓа?

Поради слаткиот вкус ја сместуваме во групата на овошја, а таа е еден од најпопуларните десертни зеленчуци. Лубеницата почнале да ја одгледуваат уште пред илјадници години и тоа во пустината Калахари, во Африка. Во 1850 година, познатиот истражувач David Livingstone го открил тамошното изобилство од лубеници по што многу брзо се рашириле и на Медитеранот.

Лубеница

Здравствени придобивки од лубеница

Таа е едно од омилените вистински освежувања во летниот период. Освен што содржи повеќе од 90% вода и помалку од 10% овошен шеќер, богата е со витамини, посебно каротини (бета каротин), витамин Ц и витамините од Б групата. Од минералите содржи калиум, калциум, магнезиум, фосфор, цинк, железо и бакар.

Големите количини на антиоксидансот ликопен ефикасно го ослободуваат организмот од слободните радикали и го заштитуваат од многу болести, вклучително ја помагаат и борбата против ракот. Колку е поцрвена лубеницата, толку повеќе ликопен содржи.

Лубеницата во корист на витката линија

Лубениците се природен диуретик, што многу го потпомага слабеењето. Содржи помалку од 50 калории на 150 г, а високата содржина на вода поволно делува на варењето на храната и го потпомага излачувањето на течностите и отровите од организмот. Секогаш е добра алтернатива за високо калоричните десерти. Може да се комбинира со други овошја за подготовка на вкусни диететски десерти.

Сподели: