Малиџано од црвени пиперки

Малиџано е вкусен специјалитет кој ние обожаваме да го јадеме во текот на зимата, а знаеме дека рецептот варира зависно од навиките во различните краеви на нашата земја. Секој има свој начин на подготовка, а ние ви го предлагаме нашиот испробан рецепт за малиџано, кое го правиме од црвени пиперки и неколку други состојки кои можете да ги прочитате во рецептот подолу.

малиџано од црвени пиперки

Состојки:

  • 1 вреќа црвени пиперки (околу 25-30 кг пиперки)
  • 10 средно големи модри патлиџани
  • 1.5 – 2 литри масло
  • 100 грама шеќер
  • околу 50 мл винска киселина
  • сол по вкус
  • 5 лажици сенф.

Подготовка:

  1. Пиперките се најпрво мијат, па им се отстрануваат дршките и семките.
  2. Така припремените пиперки се печат и се собираат во поголем сад затворен со капак за што подобро и полесно лупење.
  3. Излупените пиперки, исчистени од заостанатите семки и црни лушпи, се процедуваат неколку часа или најдобро е да се остават преку ноќ.
  4. Исцедените пиперки се мелат ситно со рачна машина и се ставаат на оган да се пржат.
  5. Откако течноста од пиперките ќе испари и се запжрат, се додаваат претходното припремените модри патлиџани. Тие се припремаат така што се лупат, се печат во рерна и се мелат.
  6. Повторно кратко се пропржува, а потоа се додаваат маслото, киселината, шеќерот и солта. Добро се меша.
  7. Пржењето се одвива околу 2 часа со повремено мешање за да не запече дното, а можете да препознаете дека е готово кога малиџаното е доволно густо и се „лепи“ на дрвената лажица со која мешате или пак останува трага по дното на тенџерето при мешањето.
  8. На 10-тина минути пред крајот на пржењето се додава сенфот.
  9. Готовото малиџано од црвени пиперки, додека е жешко се собира во тегли затоплени на 50 степени, добро се затвора и така затворени се оставаат да стојат на истата температура уште 15-20 минути.

Сподели: