мали турски погачи со фил од мелено месо

Мали турски погачи со фил од мелено месо

Ех, што има повкусно од домашни меки погачи со фил од мелено месо! Приготвени од кујната на Лидија, а ние не можевме да останеме рамнодушни и да не го споделиме овој рецепт.

Сликата кажува сѐ, па што ни останува? Да ги засукаме ракавите и да ги пробаме и ние!

турски погачи со мелено месо

Состојки:

  • 500 мл млако млеко
  • 250 мл масло
  • 2 јајца
  • 2 лажици мед
  • 1 мала лажичка сол
  • 50 грама свеж квасец
  • 900 грама до 1 кг брашно.

Фил:

  • 300 – 400 грама мелено месо
  • 1 главица кромид
  • 1 лажица масло
  • лук во прав
  • 2 до 3 лажици доматен сос
  • сол и црн пипер по вкус
  • оригано
  • 2 до 3 домати.

Подготовка:

  1. Квасецот се дроби во длабок сад за месење и се меша со млакото млеко.
  2. Јајцата се кршат и се одвојуваат белките од жолчките.
  3. Во садот со квасецот се додаваат белките, солта, маслото и медот. Смесата се мати со миксер, а потоа се додава брашното. Се меси меко тесто и се остава да нарасне за време од 45 минути.
  4. Во меѓувреме се приготвува филот. Кромидот ситно се сечка. Во тава за пржење се става малку масло да се загрее. Во загреаното масло се додава кромидот и се запржува додека омекне. Потоа во тавата се додава меленото месо и се продолжува со пржењето. Штом месото добие кафеава боја се зачинува со лук во прав, оригано, сол и мелен црн пипер. Во тавата се додава и доматниот сос.
  5. Доматите се сечкаат на тенки листови.
  6. Врз набрашнета работна маса се става тестото. Се меси кратко, а потоа се дели на 16 дела. Од секој дел се прави топче. Топчињата се редат во тава обложена со хартија за печење. Во зависност од големината на тавата, можеби ќе ви бидат потребни и две тави за печење.
  7. Секое топче се вдлабнува со чаша, така што треба да добие изглед како тркалезна пица. А за најдобро разбирање на постапката, погледнете ги фотографиите на блогот на Лидија.
  8. Во вдлабнатината ставате од приготвениот фил. Потоа врз погачите ставете и по едно парче домати.
  9. Вака приготвените погачи оставете ги да нараснат за време од 20 до 25 минути.
  10. Жолчките изматете ги со виљушка. Со изметените жолки премачкајте ги погачите.
  11. Печете ги во загреана рерна на 200 степени за време од 20 до 25 минути, додека добијат убава боја. Готовите турски погачи со фил од мелено месо послужете ги додека се топли, а исто така се вкусни и изладени. На здравје!

Рецептот го испратил: Лидија Јошевска.

Ви предлагаме да прочитате: Мини погачици со кашкавал и сланина.

Сподели: