Мали шведски ќофтиња

Ако некогаш сте биле во некоја ИКЕА продавница низ светот, најверојатно ги имате пробано овие мали шведски ќофтиња. А токму ваков рецепт за оригинални шведски ќофтиња ни доаѓа од кујната на Лидија, која живее во Шведска.

Таа вели: „Малите шведски ќофтиња најчесто ги служат со варени компири, сос, салата и мармалад или со пире од компири, салата и мармалад од лингон. Лингон е мало шумско овошје кое расти во северна Европа, а има изглед на брусница. Мармаладот може да се купи во секоја ИКЕА продавница, не е многу благ, има киселкаст вкус и супер оди во комбинација со ќофтињата.“

шведски ќофтиња

Состојки:

  • 400 до 500 грама мелено месо
  • 1 главица кромид
  • 1 јајце
  • 4 до 5 лажици лебни трошки
  • 6 лажици вода
  • сол, црн или бела пипер.

Подготовка:

  1. Водата и лебните трошки се мешаат во подлабок сад и се оставаат околу 3 минути.
  2. Јајцето се мати со виљушка.
  3. Кромидот се чисти и се ренда.
  4. Сите состојки се додаваат во садот со водата и се меша убаво за да се добие хомогена смеса.
  5. Со водени раце се зема од смесата и се формираат ќофтињата.
  6. Вака формираните ќофтиња се пржат во тава со растопен путер. Испржените ќофтиња се вадат врз кујнска салфетка за да се впие вишокот на масло. Се служат со прилог по желба. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Ќофтиња од месо во бешамел сос.

Сподели: