маска од кафе

Маска од кафе за млада и сјајна кожа на лицето

Ако вашата кожа на лицето изгледа уморно, ви предлагаме да ја пробате маската со кафе. Оваа маска од кафе одговара на сите типови на кожа, а со додавање на одредени состојки ќе направите маска која е идеална за вашиот тип на кожа.

Пред околу 10 години, голем број на компании започнаа да го користат кофеинот како дел од производите за нега на лицето, поради неговите ефекти за затегнување и подобрување на циркулацијата на кожата. Но, вие нема потреба да купувате скапи маски за лице, сега може да си направите сами маска од кафе која содржи кофеин, а нејзиниот ефект ќе го забележите по првиот третман. Домашните маски се евтини и ефикасни, а оваа маска ќе го освежи вашиот тен, ќе ја затегне кожата, со што лицето ќе добие младешки сјај. Доколку имате сува или мрсна кожа на лицето, може да додадете од состојките наведени подолу.

Еве за што е корисна оваа маска:

Кафе – го намалува воспалението, црвенилото на кожата и појавата на темни кругови околу очите. Исто така кафето е одлично за ексфолијација на кожата и помага за отстранување на мртвите клетки.

Какао – е добар извор на антиоксиданси, со што ги обновува оштетувањата на кожата настанати од загадувачите од околината и ги неутрализира слободните радикали. Какаото содржи висока количина на сулфур кој е одличен за борба против акните.

Млеко – Убавата Клеопатра за нега на нејзината кожа се бањала во млеко, со што добивала здрав сјај. Млечната киселина е добра за ексфолијација, природните ензими помагаат за нежна кожа, а аминокиселините ја одржуваат кожата хидрирана.

Свеж сок од лимон – делува како ексфолијант, а присуството на природен витамин Ц помага за осветлување, затегнување и освежување на кожата. Доколку имате мрсна кожа, свежиот сок од лимон може да ви помогне за регулација на мастите.

Мед – природно ја навлажнува кожата и ја одржува нејзината свежина.

маска од кафе

Состојки:

  • ¼ чаша мелено кафе
  • ¼ чаша какао
  • ¼ чаша млеко (во замена може да се користи бадемово млеко)
  • ½ лажица свеж сок од лимон (ако имате сува кожа, наместо сок од лимон ставете маслиново или бадемово масло)
  • ½ лажица мед (ако вашата кожа е многу мрсна или имате проблем со акни, ставете дополнителна лажица сок од лимон наместо мед)

Подготовка:

  1. Во сад ставете го кафето и какаото. Измешајте ги, а потоа додајте го млекото. Мешајте за да се добие паста.
  2. Во садот додајте ги сокот од лимон и медот. Повторно измешајте и нанесете ја маската на лицето. Оставете да маска да се исуши и делува за време од 20 минути. Маската отстранете ја со млака вода. Преостаната маска од кафе чувајте ја во фрижидер и искористете ја во рок од три дена.

Дополнителни совети:

За екстра ексфолијација, нанесете ја маската на лицето со кружни движења за време од 1 до 2 минути, а потоа оставете ја да се исуши.

Доколку имате темни кругови околу очите, измешајте кафе со млеко или маслиново масло за да се формира паста. Нанесете ја пастата под очите еднаш дневно. Оставете ја да се исуши, а потоа измијте го лицето. Кофеинот ќе ја поттикне циркулацијата и ќе го намали воспалението, со што ќе се намалат темните кругови.

Сподели: