рецепт за мафини со слатко

Сочни мафини со слатко од цреши

Превкусни мафини со слатко од цреши! Зарем има нешто подобро од ова? Рецепт кој топло го препорачуваме зошто знаеме дека многу ќе ви се допадне.

Нема потреба од матење со миксер, доволна ви е само жица. Наведените состојки во рецептот се доволни за 12 мафини. Ако немате слатко од цреши, направете ги со слатко по ваш избор: вишни, рибизли, јагоди

мафини со слатко

Состојки:

  • 250 гр брашно
  • 250 мл млеко
  • 3 лажички прашок за печиво
  • 125 гр шеќер
  • 60 гр путер
  • 1 јајце
  • 36 цреши од домашно слатко (во замена може да користите друго слатко)
  • прстофат сол.

Подготовка:

  1. Во длабок сад за матење ставете го јајцето и шеќерот. Изматете ги со жица за матење.
  2. Во друг сад ставете ги брашното, прстофат сол и прашокот за печиво. Измешајте ги со лажица.
  3. Путерот растопете го.
  4. Во садот со изматеното јајце додајте ги млекото и растопениот путер. Изматете со жицата за матење за да се добие хомогена смеса. Потоа, постепено додавајте од брашното со прашокот за печиво. Убаво изматете со жицата за матење.
  5. Секоја празнина од калапот за мафини премачкајте ја со путер и набрашнете ја. По желба наместо да ја намрсните и набрашните, во секој отвор ставете хартиена корпица за мафини.
  6. Во секоја вдлабнатина ставете од смесата, а одозгора ставете по 3 цреши од слаткото.
  7. Калапот за мафини ставете го да се пече во загреана рерна на 180 степени, за време од 20 минути. Печените мафини со слатко од цреши извадете ги од рерната и оставете ги да се изладат. Пред служење поросете ги со шеќер во прав. На здравје!

Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигоровска.

Ви предлагаме да прочитате: Полнети мафини со фил од пудинг.

Сподели: