Мафини со чоколадо и јагоди

Мафините се типични американски десерти, кои се многу популарни и кај нас. Може да ги јадете како десерт, за ужина или да ги дегустирате со омиленото кафе. Во нивниот состав по желба може да се додаде чоколадо, овошје, лешници, бадеми, ореви, кикири, а од зачините ванила, цимет или карнфилче.

За сите нас, Невена припреми мафини со чоколадо и јагоди. Освен што одлично изгледаат, многу се сочни и лесно може да ги направи секој. Вреди да се пробаат!

мафини со чоколадо и јагоди

Состојки:

  • 3 мали јајца
  • 140 гр шеќер
  • 1 ќесичка ванилин шеќер или екстракт од ванила
  • 150 гр путер омекнат на собна температура
  • 150 мл млеко
  • 200 гр сечкани јагоди
  • 100 гр чоколадни капки
  • 320 гр брашно
  • 1 ќесичка прашак за печиво
  • 1/4 лажиче сода бикарбона

Подготовка:

  1. Во сад за матење ставете ги путерот, шеќерот и ванилата. Изматете ги за да добиете кремаста смеса.
  2. Во садот со путерот постепено додавајте ги јајцата едно по едно и матете ги да се соединат во смесата.
  3. Потоа додајте го млекото и со најмала брзина на кратко изматете го.
    Во друг сад измешајте ги брашното, прашокот за печиво, содата, чоколадните капки и додајте ги во смесата.
  4. Смесата за мафини измешајте ја со шпатула или лажица. Додајте ги сечканите јагоди и повторно измешајте.
  5. Во калапот за мафини ставете хартиени корпички и наполнете ги со смесата до горе. Ставете ги да се печат во загреена рерна на 170 -180 степени за време од 30 минути, а потоа исклучете ја рерната и оставете ги уште дополнителни 5 до 6 минути.
  6. Печените мафини со чоколадо и јагоди извадете ги од рерната, оставете ги целосно да изладат и послужете ги. Од оваа смеса ќе добиете 15 мафини.

Рецептот го испратил: Невена Ѓероска

Сподели: