Овесна проја со семиња, изварка и свеж босилек 1

Овесна проја со семиња, изварка и свеж босилек

Кога имаме набавено квалитетни состојки во домот, воопшто не е тешко да се смисли креативен рецепт. Инспирацијата за оваа овесна проја со семиња, изварка и свеж босилек, беше една наша млада гостинка која обожава здраво да се храни и внимава на својата линија и здравје. Во оваа проја нема масло, ниту млеко, а неодоливо е вкусна!

Може да ја јади секој кој практикува безглутенска или безлактозна исхрана. Одлична е за појадок со чаша јогурт, било да е дома или на работа. Топло препорачуваме да ја пробате!

Овесна проја со семиња, изварка и свеж босилек 2

Босилекот го имаме дома во саксија и станува збор за онаа добро позната сорта на италијански босилек кој се користи за правење на песто или во пица маргарита. Доколку и вие имате дома е одлично, а во случај да немате, може да го набавите од поголемите маркети.

За печење, најпогодно е да користите тава со големина бр. 30. Така ќе постигнете оптимална висина и добра текстура на пројата. Секогаш кога правите проја или солена торта од овесно брашно, треба да имате предвид дека крајниот ефект е повлажна текстура споредено со бело или пченкарно брашно и тоа е нормално и карактеристично. Така, секогаш кога ќе каснете ќе почувствувате сочност, а подолу ќе може да ги прочитате деталите за печењето.

Состојки:

  • 4 поголеми или 5 мали јајца
  • 8-10 листови свеж босилек
  • 3 чаши овесни снегулки
  • 1 кесичка прашок за печиво
  • 4 полни лажици лупен сончоглед
  • 2 полни лажици ленено семе од Фила
  • 1 лажица чиа семе
  • 1 рамно лажиче хималајска сол
  • 2 чаши изварка
  • 1 чаша минерална вода (по желба може да употребите јогурт)
  • сусам за поросување и декорација.

Подготовка:

  1. Започнете со припрема на состојките. Во блендер ставете ги овесните снегулки, сончогледот и лененото семе. Добро иситнете ги состојките, така што ќе ги претворите во брашно, а потоа ставете ги во друг сад. Додајте ги чиа семето, солта и печивото, па измешајте со лажица за добро да се соедини смесата.
  2. Јајцата изматете ги додека се згуснат, односно матете ги со миксер додека почнат убаво да се познаваат трагите од маталките.
  3. Ливчињата свеж босилек измијте ги и ситно исечкајте ги, па додадете ги во садот со јајцата. Промешајте со лажица. Додајте ја минералната вода, па изварката и повторно измешајте со лажицата.
  4. На крај, додајте ги претходно измешаните суви состојки во садот со јајцата. Додавајте постепено, со повремено промешување со лажицата.
  5. Припремете ја тавата, така што ќе ја обложите со хартија за печење. Турете ја смесата во тавата и со помош на лажицата распорете ја рамномерно. Потоа одозгора поросете сусам по потреба. Дава убав изглед, а и повкусно е.
  6. При печењето треба да следите колку време е потребно зависно од рерната. Обично просекот на време за печење е 35-40 минути, со тоа што првите 15-тина минути печете во веќе загреана рерна на 200 степени, а потоа ја намалувате температурата да биде околу 150 степени, за добро да се испечи внатрешноста, а да не гори горната површина. Оставете да се излади, а потоа сечете и сервирајте. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Здрава проја со семиња – без глутен.

Сподели: