Овесна тортиља со фил од печурки 1

Овесна тортиља со фил од печурки

Превкусна е и едноставна! Здрава и безглутенска закуска за уживање! Ја подготвивме со љубов во нашата кујна, а бидејќи бевме презадоволни од вкусот на нашата овесна тортиља со фил од печурки, се знае, моравме да ја споделиме со вас!

Во составот на тортиљата има овесно брашно. Можеме да го опишеме како „повлажно“ и малку е поинакво за подготовка, но ако добро ги следите упатствата во рецептот нема да наидете на потешкотии. Дозата на состојките е за една тортиља, а вие зголемувајте ја по потреба соодветно.

Овесна тортиља со фил од печурки 2

Состојки:

  • 5 рамни лажици овесно брашно
  • 80-90 мл минерална вода
  • прстофат хималајска сол
  • 8-10 шампињони
  • 1-2 лажички мајонез
  • 1/2 домат со средна големина
  • 4-5 ливчиња свеж босилек.

Подготовка:

  1. Прво измијте ги и исечкајте ги шампињоните, а потоа запржете ги во малку масло.
  2. Во подлабок сад ставете го овесното брашно, посолете со малку хималајска сол и измешајте го со минералната вода. Смесата прво ќе биде доста течна, а откако ќе ја оставите да стои 5 минути ќе се згусне, а тоа и ви е потребно за да може добро да се испечи.
  3. Тавата за палачинки пребришете ја со намаслена чиста крпа или кујнска хартија и откако ќе се загрее, во неа турете ја смесата со овесното брашно. Бидејќи не е течна како кога се подготвува од бело брашно, доколку има потреба со помош на лажица разнесете ја низ тавата и оформете ја во кружна форма. На средно тивок оган, оставете ја да се печи околу 5 минути, а потоа затресете ја тавата да проверите дали се одлепила долната површина на тортиљата. Ако е печена долната страна, превртете ја од другата страна и повторно оставете ја да се печи неколку минути. Не мора, но препорачливо е, да ја завртите уште еднаш од првата страна на која се печела, за добро да се изврие.
  4. Готовата тортиља сервирајте ја во чинија и премачкајте ја со мајонезот.
  5. Распоредете ги претходно запржените печурки.
  6. Доматот исечкајте го на коцки и исто така распоредете го.
  7. На крај додајте го измиениот и ситно исечкан босилек и завртете во ролна. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Мексиканско тако со домашни тортиљи.

Сподели: