Печена солена торта со макарони

Е ваква торта со макарони немаме пробано! А креативноста на нашите автори во кујната е фантастична. Овој пат, Невена ни предлага рецепт за солена торта со макарони. Звучи интересно, нели?

Еве што вели таа за овој рецепт: „Да ви претставам една лична, вкусна и декоративна солена торта. Едноставна и лесна за подготовка. Печената солена торта со макарони се служи и топла и ладна, секако е убава.“

солена торта со макарони

Состојки:

  • 1 (230 гр) лист готово лиснато тесто
  • 150 гр ситни макарони
  • 100 гр замрзнат грашок
  • 2 средни моркови
  • 100 гр шунка или печеница
  • 100 гр кашкавал
  • 3 лажици пченка.

Прелив:

  • 3 средни јајца
  • 300 гр кисела павлака.

Подготовка:

  1. Морковите излупете ги, исечкајте ги на мали коцки.
  2. Во тенџере на оган ставете поголема количина на вода да се вари. Во зовриената вода додајте сол, макароните, сечканите моркови и грашокот. Варете ги за време од 8 до 10 минути или како што е наведено на пакувањето на макароните.
  3. Потоа исцедете ги и оставете ги да оладат.
  4. Шунката или печеницата исечкајте ги на мали коцки, а кашкавалот изрендајте го на ситно. Заедно со пченката додајте ги во макароните и заедно измешајте.
  5. Рерната вклучете ја да се загрее на 180 степени.
  6. Во тава бр. 26 ставете го лиснатото тесто заедно со хартијата (доколку со лиснатото тесто нема хартија, поставете хартија за печење врз тавата). Избоцкајте го со вилушка.
  7. Ставете ја смесата со макарони и израмнете.
  8. Јајцата изматете ги со виљушка, додајте ја киселата павлака и повторно изматете ги да се изедначат. Со лажица рамномерно насекаде распоредете го преливот. Краевите од тестото малку свиткајте ги над филот.
  9. Тавата ставете ја да се пече околу 40 минути или додека преливот се зацврсти, а краевите од тестото добијат кремаста боја. Печената солена торта со макарони извадете ја од рерната и оставете ја кратко да се излади. Послужете ја додека е топла. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Солена торта со компири и кашкавал.

Сподели: