Посен прилог од зеленчук сервиран со кус кус

Посно, здраво и вкусно! Баш вака може да го опишеме посниот прилог од зеленчук сервиран со кус кус. А што е уште подобро, потребни ви се само 20-тина минути да го приготвите.

Рецептот ни доаѓа од кујната на Невена, а таа вели: „Зеленчукот што го употребив беше со средна големина тамам за да го распоредам на 4-5 порции.  Зависно од вашите потреби самите можете да си ја одредите големината и количината на зеленчукот“.

посен прилог од зеленчук

Состојки:

  • 1 тиквичка
  • 1 црн патлиџан
  • 1 кромид
  • 1 пиперка
  • 1 домат
  • 1 парче (20 цм) праз
  • 10-15 лажици масло
  • по потреба сол.

За кус кус:

  • 200 гр кус кус
  • 320 мл вода
  • по вкус сол и масло.

Подготовка:

  1. Тиквичката и црниот патлиџан излупете ги и исечкајте ги на помали коцки, додајте сол и оставете ги да стојат да пуштат вода. Потоа исцедете ги.
  2. Исчистете го и исечкајте го и останатиот зеленчук.
  3. Во тава за пржење ставете го маслото малку да се загрее и најпрво запржете го кромидот и празот. Потоа додајте ги пиперката, тиквичката и црниот патлиџан и со повремено мешање пржете ги додека омекнат. При крај додајте го и црвениот домат и посолете по вкус. Ако е потребно при пржењето додајте и малку вода за да не загорат и поубаво омекнат.
  4. Готовиот зеленчук покриен оставете го да лади и подгответе го кус кусот.
  5. Кус кусот ставете го во длабока чинија.
  6. Водата ставете ја во тенџере на оган да зоврие. Откако ќе зоврие прелијте го кус кусот и покриен оставете го да стои 7-10 минути (или подгответе го по упатството на вашата кутија).
  7. Потоа попрскајте го со малку масло и измешајте го со виљушка.
  8. Готовиот кус кус распоредете го во чинии и послужете го подготвениот посен прилог од зеленчук. На здравје!

Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.

Ви предлагаме да прочитате: Посен прилог од зелка и моркови.

Сподели: