Посна салата со туна, ориз и маслинки

Ние имаме голем избор на посни јадења и салати! Вредните раце на нашите автори и нивната креативност често пати резултира со врвни и лесни јадења кои секој може да ги направи. Овој пат ви претставуваме проверен рецепт за посна ориз салата со туна.

По рецепт од Невена, вкусната салата е идеална за секакви прилики. А еве што таа вели: „За вакви салати од ориз најдобро е да користите кафеав ориз, зрното е потврдо и не се преварува, останува цело. Бидејќи е сезона на краставици користев свежа краставица, но може да се стават и 2-3 кисели. Во салатава не ставив масло, ми беше доволно тоа од туната, затоа секој си става по вкус“.

Друштво, ни останува уште да ја пробаме!

посна ориз салата со туна

Состојки:

  • 250 гр кафеав ориз или обичен
  • 1 конзерва од 160 гр туна
  • 1 среден варен морков
  • 1 среден домат
  • 1/2 од мала свежа краставица
  • 15-на црни и зелени маслинки
  • 5 лажици грашок
  • 5 лажици пченка
  • 3-4 лажици маринирани печурки
  • по вкус и потреба сол и масло.

Подготовка:

  1. Оризот сварете го во зовриена и посолена вода додека омекне. Потоа исцедете го и исплакнете го со ладна вода. Ставете го во еден сад.
  2. Морковот, доматот, краставицата, печурките и маслинките исечкајте ги на помали парчиња и додајте ги во оризот. Додајте ги грашокот, пченката и туната малку исцедена од маслото и измешајте ја. По вкус додајте сол и масло.
  3. Салатата покријте ја со најлонска фолија, ставете ја во фрижидер да се разлади и спојат вкусовите, но ако не можите да чекате послужете веднаш. Посната ориз салата со туна послужете ја како мезе, прилог со ручекот или пак на свечена трпеза за слава, именден, роденден… На здравје!

Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.

Ви препорачуваме да прочитате: Посна салата со ориз, леќа и печурки.

 

Сподели: