Посни кифли со фил од печурки и компири

Во времето на пости, Сѐ за храна ги има најдобрите предлози и рецепти, кои сигурно ќе ви бидат од корист. Нов супер рецепт за посни кифли со фил од печурки и компири ни доаѓа од кујната на Диана. На нејзиниот блог Trydiani, може да се најдат различни убави и вкусни рецепти.

Посно и вкусно за сите љубители на кифлички со фил! А сега имаме испробан рецепт за многу привлечни посни кифлички кои траба да се пробаат.

посни кифли со фил од печурки

Состојки:

За тесто:

  • ½ чаша масло
  • ½ чаша топла вода
  • 2 – 2 ½ чаши брашно
  • сол по вкус.

За фил:

  • 2 варени компири
  • 1 страк сечкан праз
  • 1 чаша сечкани маринирани печурки
  • сол и црн пипер по вкус
  • 1 лажица сечкан магдонос
  • 1 – 2 лажици масло
  • 1 лажица семе од сусам.

Подготовка:

  1. Во длабок сад за месење се ставаат брашното, солта, маслото и водата. Се замесува меко и еластично тесто. Тестото се ставата во садот и се покрива со најлонска фолија да стои додека се подготвува филот.
  2. Компирите се лупат, сечкаат на поголеми парчиња и се варат. Постапката за најбрзо варење на компири прочитајте ја тука. Варените компири се цедат (се остава мал дел од течноста). Потоа се пасираат како многу густо пире.
  3. Во тава на оган со загреано масло се става сечканиот праз. Штом празот омекне, се додаваат исцедените печурки. Смесата се пржи додека испари течноста. На крај се зачинува со сол и црн пипер по вкус.
  4. Во садот со пирето се додава смесата со печурките и се меша додека се добие хомогена смеса. Потоа се остава кратко за да се излади.
  5. Рерната се загрева на 180 до 200 степени. Тестото се дели на 12 до 16 дела и од секој дел се формира топка. Топчињата се сучат со малку брашно како тенки правоаголни кори. На едниот крај од кората се става по 1 голема лажица од филот со печурките, а потоа се виткаат кифличките како пури или сарми.
  6. Тавата се обложува со хартија за печење и се редат кифличките. Се наросуваат со сусам и се ставаат да се печат во загреаната рерна за време од 30 минути или повеќе, во зависност од големината. Потоа, се вади тавата од рерна и се остава кратко време да се излади. Печените посни кифли со фил од печурки и компири се служат со доматен сос по желба. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: 15 најдобри посни рецепти за кифлички, лепчиња и пити.

Сподели: