Потпечени безглутенски макарони со фил од печурки и прелив од кисело млеко 1

Потпечени безглутенски макарони со фил од печурки и прелив од кисело млеко

Кога имате вишок намирници, може да се случи  да не знаете што да направите со нив. Освен, ако не добиете добра идеја како ние во овој случај! Повторно креиравме радост во нашата кујна, неодоливо вкусни потпечени безглутенски макарони со фил од печурки и прелив кој им даде изглед кој мами! Ние уживавме многу во нивниот вкус, или подобро речено беше семејна дегустативна журка!

Се прават лесно и не е потребно премногу време. Состојките се лесно достапни и веруваме дека овој рецепт ќе биде корисен за многу луѓе кои сакаат почесто да јадат тестенини, а ги „потрошиле“ сите идеи за подготовка. Оваа доза е за 3-4 лица, а по потреба слободно зголемете ја. Нашиот избор беа безлутенски макарони, па добро е да знаете дека и со нив добивме одличен резултат, а вие може да користите по сопствен вкус.

Потпечени безглутенски макарони со фил од печурки и прелив од кисело млеко 2

Состојки:

  • 250 грама макарони или други тестенини

За фил:

  • 1 помала главица кромид
  • 250 гр свежи шампињони
  • 40-50 гр чаен колбас
  • 10-тина гранчиња свеж магдонос
  • оригано по вкус
  • сол и црн пипер по вкус
  • малку масло.

За прелив:

  • 200 мл кисело млеко
  • 2 јајца
  • 1 рамна лажица оригано

За посипување:

  • 50-60 гр кашкавал.

Подготовка:

  1. Макароните прво сварете ги во посолена вода. Веднаш откако ќе се сварат исцедете ги и тргнете ги на страна.
  2. Во тава на оган додајте го ситно сечканиот кромид со малку масло и пропржете го.
  3. За кратко време додајте и претходно исечканите свежи шампињони. Препорачуваме да ги исечкате во вид на листови. Промешувајте повремено и пржете додека не испари водата која ја испуштаат печурките.
  4. Потоа, додајте го чајниот колбас исечкан на кругови, а круговите на четвртинки. Кратко запржете го со печурките и кромидот.
  5. Додајте го ориганото, солта и црниот пипер, а непосредно пред крајот додајте го и ситно сечканиот магдонос и веднаш тргнете го филот од оган.
  6. Кога филот е готов, макароните ставете ги во претходно обложена тава со хартија за печење. Големината на тавата препорачуваме да биде бр. 32.
  7. Врз макароните турете го припремениот фил и нежно промешајте за да се распредели на секаде.
  8. Ставете ја тавата да се печи во претходно загреана рерна на 220 степени.
  9. Штом горната површина се зарумени додајте го преливот, па посипете со претходно ренданиот кашкавал. Преливот се припрема брзо и може да го подготвите додека макароните се потпекуваат. Во чинија измешајте ги двете јајца, киселото млеко и ориганото, а во друг сад изрендајте го кашкавалот.
  10. Печете уште 5-10 минути и послужете! На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Потпечени макарони со свежи шампињони и кашкавал.

Сподели: