Крушево 1

Пред 8-мо мартовска прошетка до Крушево со дегустација на крушевски специјалитети

Продолжуваме да откриваме и дегустираме! Овој пат предлогот за прошетка е да го посетиме Крушево и неговите знаменитости! Прво ќе одиме во посета на Мечкин камен, па ќе го посетиме Македониумот – споменикот Илинден, ќе одиме на гробот на нашиот Тоше, а ќе ја посетиме и неговата спомен куќа каде ќе се потсетиме на неговите дела, вредност и желба да бидат сакани сите! Со радост и почит ќе го посетиме и манастирот на Тоше. А, како би бил комплетен еден ден во овој мал идиличен град, ако не уживаме во прекрасниот вкус на крушевските специјалитети?

Крушево 2

Одиме во посета на еден од најстарите и најубавите градови во Македонија, со типичната архитектура и градба на старите куќи, богато културно наследство и градот спомен на нашата ѕвезда и ангел Тоше Проески. Крушево е град кој плени со сите свои убавини, а со својата надморска височина од 1250 метри се смета за највисок град на Балканот. Тоа е една од тајните на волшебниот широк поглед!

Легендарниот Мечкин Камен е споменик во близина на градот Крушево. Претставува востаник со високо подигната камен карпа над главата и е симбол на последниот очајнички миг во борбата на востаниците од одредот на легендарниот војвода Питу Гули, кои ги дале своите животи при одбраната на Крушевската Република. Тука се отвора убав поглед на крушевската околина, голема ширина и можност за убави фотографии.

Споменикот Илинден или уште наречен Македониум, е еден од најпознатите во Македонија. Тој ја означува вечната борбата, непокорноста и стремежот на македонскиот народ за слобода. Пред самиот споменик се наоѓа крипта и колоритен мозаичен амфитеатар. Секоја година за време на Илинден, градот добива една сосема нова димензија. Бројните гости од целата земја, заедно со крушевчани се на улиците и празнуваат, облечени во традиционални носии.

Спомен куќата и гробот на неповторливиот Тоше никако не би ги изоставиле. Тие се причината што градот прерасна во редовна дестинација за нашиот народ, како и за странски гости од Балканот и пошироко. Гробот на Тоше се наоѓа на Гумење и секогаш е полн со посетители, кои доаѓаат да му се поклонат на човекот со ангелски глас и душа, кој знаеше како да ги научи сите да сакаат. Во негова чест е изградена спомен-куќа во форма на крст, која ја симболизира неговата искрена верба во Бога. Бетонот е симбол на неговиот лик и дело, стаклото потсетува на човековата минливост и ранливост, а водата којашто е дел од пејзажот, потсетува на живоста и чистината со која зрачеше нашиот Тоше. Тука ќе може да ги видиме симболите на кусиот, но значаен животен век на Тоше. Предмети од неговото детство, тинејџерските денови и почетоците на кариерата, до денот на прераното заминување…

Ќе го посетиме и манастирот „Свето преображение“, местото каде Тоше се чувствуваше најблиску до Бога и денес тој е еден од најпосетуваните храмови во околината. Место полно со духовност, емоции и верба! Изграден е на Ручало, на околу 1642 метри надморска височина, во прекрасен природен амбиент, Тоше учествувал и физички и финансиски во обновувањето на манастирот, па со аманет од него е довршено обновувањето.

Знаејќи ја вкусната традиционална храна која крушевчани одлично ја подготвуваат, решивме да им одиме на гости на пријатните домаќини од Крушевска одаја! Ни кажаа дека специјално по повод нашата посета ќе ни овозможат богато мени. Тоа вклучува чинија свежа салата за секој од нас. Како ладно предјадење ќе може да уживаме во специјалитетот на куќата, а тоа се крушевските питулици со лук кои ги подготвувале на посебен начин, па едвај чекаме да ги пробаме! За главно јадење ни ја препорачаа традиционалната крушевска тава, а за љубителите на класичните избори на храна ќе има можност да изберат плескавица и стек во сос со пекарски компир за гарнир. Лебчето не е изоставено, па кој што ќе посака може да смета на него. За крај, ќе ни остане само пијалакот да го нарачаме секој по своја желба и да наздравиме!

Резервирајте додека има место, бројот е ограничен! 🙂

Поаѓањето е во 7:30 часот, пред Спортската сала „Младост“, Битола, на 05.03.201година. Вашето место може да го резервирате најкасно до 1-ви Март. Превозот ќе биде со високотуристички автобус од МИГ Травел, а за реализација на патувањето се потребни минимум 45 патници. Цената на превозот и вклучен ручек во Крушевска одаја изнесува 750 денари. За повеќе информации и резервации, контактирајте нѐ на 075 861 907, секој работен ден од 10 до 18 часот.

Сподели: