Прошетка до Марков манастир, Македонското село и Матка 1

Прошетка до Марков манастир, Македонското село и Матка

Македонија е прекрасна, па да ја запознаеме подобро! Предлогот за прошетка е прво да го посетиме Марков Манастир кој е културно – историско богатство,  па да се упатиме кон комплексот „Македонско село“ во Нерези, каде духот на традицијата се доживува преку прекрасните градби на македонските куќи од различните краеви, а има и каде да замезиме и да купиме по нешто уникатно. На крај, ќе се упатиме кон незаменливиот кањон Матка каде раззеленетата природа опива, а звуците на водата која шумоли и птиците по дрвјата се неверојатно релаксирачки.

Прошетка до Марков манастир, Македонското село и Матка 2

Комплексот Марковиот манастир кој е посветен на светиот велокомаченик Димитриј Мироточив. има прекрасен и убаво уреден двор во кој се влегува низ стара висока дрвена порта и може да прошетате и да се опуштите. Има голема културно – историско вредност од стари икони, ракописи и книги, црковни предмети и реликвии, а најзначајна композиција, по која е познат Марковиот манастир е фреската Плачот на Рахила – жена која го симболизира плачот на витлеемските мајки за убиените машки деца до две годишна возраст од царот Ирод кој сакајќи да го погуби Христос убива 14 000 младенци.

„Македонско село“ е комплекс изграден во традиционален дух на македонската архитектура од 19-ти и 20-ти век. На гостите им нуди за кратко време да ја видат цела Македонија на едно место, нејзината историја, традиција, архитектура, култура и да уживаат во гастрономијата и македонското вино. На површина од 12.000 м2 комплексот е составен од шеснаесет автентични куќи со сместувачки капацитет од 100 гости. Селските куќи се изградени по ликот на куќите од различни географски подрачја на Македонија и тоа: куќа од Битола, Велес, Прилеп, Галичник, Рекански крај , Кратовска, Беровска, куќа од Делчево, Куманово, Тетово и од Скопска црна гора. Посетителите можат да уживаат во богатите вкусови на македонска храна и амбиент во три ресторани кои нудат различна гастрономска понуда. Исто така, во комплексот е изграден Етнолошки музеј во кој ќе бидат изложени предмети од македонската култура, народни носии, како и археолошки содржини, а има и винарска визба.

Кањонот Матка е место каде може да се релаксирате од градската гужва и да уживате во чистиот свеж воздух, зелената околина и песната на птиците. Тука имате можност за излетничка прошетка долж кањонот за да уживате во карпестите формации, прекрасната вода и зеленило, да се одморите на попатните клупи, а за подобра сигурност има поставени заштитни огради. Во „прегратките на Матка“ по желба може да ја посетите и црквата Св. Андреа која датира со векови. Матка е препознатлива по подводната пештера Врело чиј таван е вистински „дожд“ од сталактити, а не помалку зачудуваат неколкуте столбови, а до неа може да се стигне со кајче.

Резервирајте додека има место, бројот е ограничен! Поаѓањето е во 7:00 часот, пред Спортската сала „Младост“, Битола, на 02.04.2017 година. Вашето место може да го резервирате најкасно до 30-ти Март. Превозот ќе биде со високотуристички автобус од МИГ Травел, а за реализација на патувањето се потребни минимум 45 патници. Цената на превозот изнесува 550 денари. За повеќе информации и резервации, контактирајте нѐ на 075 861 907, секој работен ден од 11 до 17 часот.

Сподели: