Рецепт за меко турско лепче – пиде екмек

Секоја кујна има своја посебност, убавина и вкусни рецепти. А штом станува збор за храната и кујната, секогаш сме расположени и љубопитни да пробаме нешто ново и вкусно. Сигурно и вие штом го читате овој рецепт ќе се сложите со нас. Овој пат ја користиме приликата да споделиме нов рецепт за меко турско лепче познато како пиде екмек.

Рецептот го приготви Лидија. Таа вели: „Пиде екмек е името на ова превкусно турско лепче. Традиционално се прави за време на постите, а со редици се чека по слаткарниците и бурекчилниците после зајдисонце за да се купи тазе пиде како припрема за ифтар. Лепчето многу лесно се прави, но и многу лесно се јаде.“

турско лепче

Состојки:

  • 50 гр квасец
  • 700 мл млака вода
  • 2 лажици јогурт
  • 1 ½ лажичка сол
  • 1 кг брашно
  • масло за премачкување
  • 1 јајца за премачкување
  • сусам за поросување.

Подготовка:

  1. Квасецот се става во сад за месење. Се додаваат водата, солта и јогуртот и се меша убаво, за да се растопи квасецот.
  2. Во садот, постепено се додава брашното и се меша со миксер. Тестото треба да биде меко и лепливо. Доколку добиете многу меко и течно тесто, може слободно да додадете повеќе брашно.
  3. Земете два плеха и обложете ги со хартија за печење.
  4. Тестото поделете го на два дела и секој дел ставете го во плехот.
  5. Со намрсени раце со масло развлечете го тестото да дојде скоро иста големина како плехот. Вака приготвените лепчиња оставете ги да нараснат за време од 30 минути.
  6. Јајцето изматете го со виљушка. Со помош на изматеното јајце премачкајте го лепчето. Со помош на четката или прстите се прави круг околу лепчето, а потоа се исцртуваат коцки за да се добие форма како на сликата. Деталната постапка разгледајте ја тука.
  7. Вака приготвените лепчиња се поросуваат со црн сусам и се печат во загреана рерна на 250 степени за време од 10 до 15 минути. Топлото турско лепче се вади од рерната се остава кратко да се излади, а потоа се крши и јаде. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Брзо лепче со ржано брашно.

Сподели: