Рецепт за највкусна домашна лутенка 1

Рецепт за највкусна домашна лутенка

Кога станува збор за специјалитетите од пиперки, тие се меѓу омилените зимници во секој дом! Меѓу нив се вбројува и превкусната домашна лутенка која се карактеризира со малку киселкаст вкус споредено со ајварот. Тоа се должи на нејзиниот состав, а рецептот кој е проверен го споделуваме подолу.

Има разни варијанти на ајвар и лутенка, од едноставни вкусови кои вклучуваат само пиперки и т.н. богати вкусови со додаток на други зеленчуци како домати, модри патлиџани, лути пиперчиња, некои зачински растенија и слично.

Рецепт за највкусна домашна лутенка 2

Рецепт за највкусна домашна лутенка

Состојки:

(за 4-5 тегли)

  • 10 кг црвени пиперки
  • 3 кг домати
  • 2-4 лути феферони (по вкус)
  • 2-3 лажици алкохолна киселина
  • 1-2 главици лук
  • 2-4 китки магдонос (по вкус)
  • 1 литар + 200 мл сончогледово масло
  • сол по вкус (околу 5 лажици, а најдобро да додавате постапно по вкус).

Подготовка:

  1. Пиперките измијте ги и исушете ги, а може да ги избришите и со крпа.
  2. Печете ги во рерна на 225 степени – на решетка или во плех, а можете и да употребите скара. Печете ги додека се оформи лушпа која лесно ќе се издвои од пиперката.
  3. Извадете ги пиперките од рерна и покријте ги со сува чиста крпа или ставете ги во затворен сад, за лушпата подоцна полесно да излегува.
  4. Така покриени, оставете ги да стојат најмалку половина час или додека се изладат, па отстранете им ги дршките и лушпите.
  5. Во меѓувреме почнете да ги печите доматите на иста температура како и пиперките. Зависно од големината, доволни ќе бидат 30-40 минути.
  6. Кога ќе се изладат, излупете им ги лушпите и нив, па заедно со пиперките измелете ги во машина за мелење месо или блендер.
  7. Во големо тенџере загрејте го маслото со киселина и малку сол, а потоа во него додајте ја смесата од пиперки и домати.
  8. Варете 2-3 часа на умерена температура, а при тоа постојано мешајте. Варете додека лутенката постигне густина која ви се допаѓа.
  9. Во последниот половина час од варењето додајте ги зачините. Лукот излупете го, измијте го и исечете го на ситно или иситнете го со помош на алатка за лук. Магдоносот измијте го и исечкајте го на ситно, фефероните исто така.
  10. Готовата домашна лутенка турете ја во тегли кои се затвораат со капак.
  11. Претходно припремете ги теглите. Измијте ги, исушете ги и стерилизирајте ги во рерна (загрејте ја на 100 степени и оставете ги да стојат внатре најмалку 15-20 минути).
  12. Стеризилираните и чисти тегли наполнете ги со врелата лутенка, а на врвот оставете празен простор, барем колку 1 см.
  13. Во посебен сад загрејте ги дополнителните 200 мл масло и во секоја од теглите турете по малку, доволно колку да се прекрие површината за да нема контакт со воздухот во внатрешноста на теглата.
  14. Теглите затворете ги со капачињата, па ставете ги повторно кратко во рерна на 100 степени. На крај, оставете ги да се изладат и чувајте ги на ладно и темно место.

Ќе уживате во секој залак, на здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Ајвар на македонски традиционален начин.

Сподели: