Р’жани ѓевречиња со ајвар 1

Р’жани ѓевречиња со ајвар

Уште еден превкусен рецепт од кујната на Сѐ за храна! Направени со љубов и за уживање во вкусот. Намерата беше да избереме здрави состојки и од нив да добиеме нешто вкусно, а а привлечно за јадење. Што се однесува на описот, овие р’жани ѓевречиња со ајвар имаат лесно приемлив вкус, меки се и погодни за носење за каде и да сакате. Сѐ на сѐ, одлични!

Неколку совети од нашето искуство. Спакувајте ги во сад кој се затвора со капак. Така ќе ја зачуваат и формата и вкусот, а потоа може да ги носите со себе на патување со возило, во ранец на планина, на работа, да им ги пратите на децата на училиште или да си ги сервирате дома со прилог по желба.

Р’жани ѓевречиња со ајвар 2

Состојки:

  • 300 грама р’жано брашно
  • 150 мл минерална вода
  • 3 полни лажици ајвар
  • 3 лажици маслиново масло
  • 2 лажици свежо цеден лимон сок
  • 1 лажиче химајска сол
  • сусам по потреба.

Подготовка:

  1. Во длабок сад за месење, ставете го брашното, а потоа направете вдлабнатина во средината.
  2. Рамномерно додајте ја солта.
  3. Во вдлабнатината додајте ја водата, свежо цедениот лимонов сок, маслиновото масло и малку измешајте ја течноста.
  4. На крај додајте го ајварот и месете го тестото додека стане изедначено.
  5. Со навлажнети раце со вода оформете прво долгнавеста форма, а потоа спојте ги краевите во ѓеврече. Можеби ви е чудна оваа препорака, но е важна, затоа што кога рацете се натопени со вода може полесно да го формирате обликот, бидејќи р’жаното брашно не е лепливо како белото и малку е потешко за обликување.
  6. Влажната површина на ѓевречињата е одлична за на неа да посипете сусам.
  7. Вака припремените ѓевречиња (околу 20 зависно од големината бројот може да варира) наредете ги во претходно обложена тава и печете ги во добро загреана рерна на 200 степени, околу 20 минути. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Интегрални варени ѓевречиња.

Сподели: