Ролнички со печурки и бешамел 1

Ролнички со печурки и бешамел

Топла порција од ролнички со печурки секогаш може да биде добра идеја за појадок, посебно ако обожавате печурки. Бешамелот го дополнува вкусот и ги прави извонредно сочни. Меки се и лесно се припремаат за кратко време.

Често пати на блогот на нашата пријателка Лана – Kuhinjica Mignone се наоѓаат добри и испробани рецепти, па слободно може да го пробате и овој, нема да згрешите.

Ролнички со печурки и бешамел 2

Состојки:

  • 1/2 кг тенки кори за пита
  • 400 гр шампињони
  • 5-6 лажици масло
  • 1 помала главица кромид
  • 3 чешниња лук
  • 1/2 лажичка сол
  • 1 лажичка сув зачин
  • 1 лажичка црн пипер
  • 20 гр путер
  • 2 лажици масло
  • 4 лажици брашно
  • 1/2 лажичка сол
  • 350-400 мл млеко
  • 1 јајце
  • 1 лажица вода
  • оригано.

Подготовка:

  1. Ситно сечканиот кромид запржете го во масло со малку сол.
  2. Кога кромидот ќе омекне, додајте ги и шампињоните, па динстајте додека испари непотребната течност. Пред крајот зачинете и додајте го ситно сечканиот лук, па кратко пропржете. Запржените шампињони оставете ги на страна, па припремете го бешамелот.
  3. Растопете го путерот на тивок оган и постепено додавајте од брашното и цело време мешајте. Кратко потоа, додајте го и врелото млеко, а при тоа не престанувајте со мешање. Веднаш тргнете го од оган и зачинете го.
  4. Во посебен сад изматете 1 јајце со малку вода, тоа ќе послужи за премачкување.
  5. За припрема на еден ролат се потребни околу 10 кори, така од 1/2 кг кори се добиваат 2 ролати, односно 24 парчиња. Корите разлистајте ги и првите 9 редете ги една преку друга, така што помеѓу нив ќе премачкувате по малку бешамел. 10-тата кора не ја премачкувајте, туку на втората третина од кората рамномерно нанесете ги печурките и завиткајте цврст ролат. Страничните рабови не мора да бидат поклопени.
  6. Вака припремениот ролат сечете го на парчиња со дебелина од 3 см. Исечените парчиња веднаш премачкајте ги со јајца од сите страни и наредете ги во плех, кој претходно сте го обложиле со хартија за печење. По желба, некои од ролничките посипете ги со оригано.
  7. Печете во претходно загреана рерна на 220 степени, околу 20 минути. Служете ги веднаш додека се топли.

Забелешка: Не се погодни за замрзнување, а може да се каже ниту за подгревање. На сличен начин, може да припремите ролнички со пилешко бело месо и бешамел, уште повкусни се, испробано ни е.

Ви препорачуваме да прочитате: Ролована гибаница.

Сподели: