Солени мафини со мелено месо 1

Солени мафини со мелено месо

Невена има исклучително голема способност да ни пробуди апетит! Колку вкусни солени мафини со мелено месо ни припреми овој пат, само да знаете! А, како би знаеле ако не ги пробате!?

Вака вкусно јадење, мезе, закуска или како и да го наречиме не се пропушта.

Солени мафини со мелено месо 2

Состојки:

  • 250 гр мелено месо
  • 2 средни јајца
  • 100 мл млеко
  • 50 мл масло + 5-6 лажици за пржење на месото
  • 1 (50 гр) морков
  • 1/4 (55гр) мала главица кромид
  • 2-3 гранчиња магдонос
  • 2 лажички прашок за пециво
  • сода бикарбона на врв од лажиче
  • сол, црн пипер и мешан сув зачин по вкус
  • 50 гр кашкавал исечкан на мали коцкички
  • 200 гр брашно.

За декорација на мафините:

  • по потреба кисела павлака и зеленчук по избор.

Подготовка:

  1. За подготовка на мафините најпрво подгответе го меленото месо. Кромидот и морковот ситно исечкајте ги и пропржете ги во тава со 5-6 лажици масло колку да замириса и малку да омекне кромидот.
  2. Додајте го меленото месо и продожете да го пржите додека испари водата што ја испушта. Повремено и мешајте. Внимавајте да не го препржите месото, треба да остане сочно.
  3. Тргнете го на страна, додајте ги зачините по вкус и ситно сечканиот магдонос. Оставете го да се излади.
  4. Потоа продолжете со подготовка на мафините. Во калап за мафини наредете хартиени кошнички.
  5. Рерната вклучете ја да се загрева на 180 степени.
  6. Измешајте ги брашното, печивото и содата и просејте ги низ сито.
  7. Во сад со жица убаво изматете ги јајцата, млекото и маслото. Додајте го брашното и убаво измешајте го.
  8. На крај, додајте го подготвеното меленото месо и кашкавалот. Убаво измешајте да се изедначи смесата.
  9. Со смесата наполнете ги кошничките до горе и ставете ги да се печат за време од 20-25 минути.
  10. Од оваа смеса излегуваат 12 мафини, но малку помали од стандардните.
  11. Печените мафини можат да се послужат топли или ладни декорирани со кисела павлака и зеленчук по избор.

Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.

Ви препорачуваме да прочитате: Солени мафини со спанаќ и сирење.

Сподели: