Солени стапчиња

Рецепт за крцкави, вкусни и декоративни стапчиња кој можеме да го пробаме благодарение на Дијана. Овие солени стапчиња се едноставни за правење и се идеални за било каква пригода. Дополнително, лесно се замрзнуваат и одмрзнуваат. Одлични се за мезе со пријателите и чаша ладно пиво!

солени стапчиња

Состојки:

  • 1 кг брашно
  • 1 мала лажичка сол
  • 1 мала лажичка шеќер
  • 1 коцка свеж квасец (40гр)
  • 250 мл масло
  • 250 мл млака вода.

За премачкување:

  • 1 јајце
  • по потреба крупна сол, буковска пипер и оригано.

Подготовка:

  1. Во сад за месење ставете го квасецот, шеќерот, водата и додајте 1 лажица брашно. Измешајте ги убаво и оставете 10 минути за да нарасне квасецот.
  2. Во садот додајте го преостанатото брашно, солта и маслото. Од наведените состојки замесете средно тврдо тесто. По потреба додајте млака вода.
  3. Штом тестото ќе биде убаво измесено и нема да се лепи на рацете, поделете го на 4 дела. Од секој дел формирајте топка и премачкајте ја со масло.
  4. Од топките исучете тенки правоаголни кори. Јајцето изматете го со вилушка. Секоја кора премачкајте ја со разматено јајце, а потоа наросете сол, пипер и оригано.
  5. Корите исечете ги на ленти. Секоја лента превиткајте ја на половина, така што премачканиот дел да биде од надворешната страна, а потоа формирајте спирали. (Откако ќе ја исечете правоаголно исучената кора на ленти со ширина од 0.5 до 1 см, секоја лентичка треба да ја „здиплите“ на половина, така што намачканиот дел од лентичката треба не биде од внатрешната страна на здипленото парче, туку да биде од надворешната страна. Потоа, земете ја здиплената лентичка за двата краеви и вртете во спротивен правец со секој крај. Така ќе ја добиете спиралата.)
  6. Стапчињата наредете го намрсена тава за печење. Печете во загреена рерна на 200 степени, додека убаво поруменат за време од 18 минути. Печените солени стапчиња извадете го од рерната и оставете ги да се изладат. Грицкајте и уживајте!

Рецептот го испрати: Дијана Талевски

Сподели: