Солен посен куглоф со праз и спанаќ 1

Солен посен куглоф со праз и спанаќ

Впечатлив вкус кој ќе го посакувате повеќе пати! Ако ви се каснува нешто превкусно, а е лесно за правење и јадење со задоволство ви го препорачуваме испробаниов рецепт за солен посен куглоф со зеленчук.

Невена ни го опиша прекрасно „Посно, вкусно, едноставно за подготовка премеко лепче, така да го наречам зашто текстурата му е таква, само со помеко тесто. Го испеков во куглов за подекоративно да изгледа, така да може да се послужи за посни слави, имендени, родендени со други посни печива. Исто така, може да се стави да се печи во плех па после да се сечат коцки, во мафини (направив и такви), во векна за леб и сл.“ Има многу начини како да си го подготвите овој солен посен куглоф и да уживате во него!

Солен посен куглоф со праз и спанаќ 2

Состојки:

Тесто:

  • 350 мл топла вода
  • 1/2 (20 гр) коцка свеж квасец
  • 75 мл (мало филџанче) масло
  • 1/2 лажиче шеќер
  • 2 рамни лажички сол
  • 600 гр брашно.

Зеленчук за во тестото:

  • 200 гр праз
  • 160 гр замрзнат спанаќ или свеж, претходно обарен
  • 1 поголем морков

Други додатоци:

  • путер или маргарин по потреба
  • сусам и ленено семе по потреба.

Подготовка:

  1. Најпрво подгответе го зеленчукот. Спанаќот одмрзнете го, исцедете го од водата што ја пушта и исецкајте го. Морковот излупете го и исецкајте го на многу, многу мали коцкички. И празот исецкајте го на поситно.
  2. Подгответе го тестото. Во садот за месење ставете го квасецот, водата, маслото, солта, шеќерот и измешајте да се раствори квасецот. Постепено додавајте го брашното и мешајте со дрвена лажица бидејќи е многу меко да се изедначи. Сега додајте го и зеленчукот и продолжите да мешате додека не се соедини со тестото. За полесно можете да го доизмесите и со рака ама прво намачкајте се со масло за да не ви лепи.
  3. Покријте го со најлонска фолија и крпа и оставете го да скисни околу 45 мин.
  4. Кугловот намачкајте го со маргарин на секаде и посипете го со сусам и ленено семе.
  5. Тестото префрлете го во кугловот или калапите што ќе ги изберите и со помош на намрсена рака порамнете го. Оставете го да скисни повторно 30-35 мин и ставете го да се печи во загреана рерна на 200 степени 45 мин и 15 мин оставете го во исклучена рерна.
  6. Кугловот е висок па ова време му е потребно да се испечи убаво, да не остане внатре живо тесто (што велиме).
  7. А ако се користистат помали тави сигурно печењето е помалку и до 40 или во мафини до 30 минути.
  8. Печениот куглов покриен со фолија и крпа оставете го да олади, а потоа превртете го на соодветна чинија да доизлади, исто покриен.

Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.

Ви препорачуваме да прочитате и посен солен куглоф за слави.

Сподели: