tabule

Табуле – либанска салата со магдонос и домати

Табуле е либанско вегетаријанско јадење кое често се претставува како салата. Се прави со домати, ситно сечкан магдонос, нане, булгур и кромид, а се зачинува со маслиново масло, свежо цеден сок од лимон и сол.

Во светот постојат различни варијации, па така може да се најдат рецепти со лук или марула, а булгурот да биде заменет со кус кус. Рецептот за оваа убава салата ни го прати Лидија, а повеќе рецепти од неа може да најдете на нејзиниот блог Slatki Tajni.

табуле

Состојки:

  • 500 грама свеж магдонос
  • 3 домати
  • 1 помала главица кромид
  • 40 грама булгур
  • 1 ½ чаша вода
  • 50 мл маслиново масло
  • 2 лимони
  • сол по вкус.

Подготовка:

  1. Доматите измијте ги и исечете ги на мали коцки.
  2. Кромидот ситно исечкајте го.
  3. Магдоносот измијте го и исечете го ситно.
  4. Во длабок сад ставете ги сечканите домати, кромидот и магдоност. Измешајте со лажица и додајте ги маслото и булгурот. Повторно измешајте. Булгурот не го ставајте претходно во вода, затоа што има доволно течност од салатата за да го омекне.
  5. Но, по желба може и да го сварите булгурот. Во тенџере на оган ставете ја водата и посолете. Откако водата ќе зоврие ставете го булгурот и варете на умерена температура. Варете го со постојано мешање за време од 3 до 4 минути. Потоа, оставете го да се излади.
  6. Лимоните исцедете ги.
  7. Зачинете ја салатата со сол и свежо цеден сок од лимони и оставете ја околу 5 до 10 минути. Потоа послужете ја. На здравје!

Рецептот го испратил: Лидија Јошевска.

Ви предлагаме да прочитате: Пржени похувани тиквички со либанско макало. 

Сподели: