Традиционален рецепт за македонски таратур

Има ли нешто повкусно од нашата македонска салата или сос, познат како таратур? Прекрасна и освежителна за топлите летни денови, и добредојдена во секој момент. Некои ја нарекуваат и таратор, a станува збор за наш специјалитет кој многу брзо се приготвува. Да замезиме!

Освен што е традиционален во Македонија, таратурот се приготвува и во Бугарија и Србија, како и пошироко на Балканот. Секоја земја си има свои специфичности за подготовка, па така на интернет може да се најдат различни рецепти. Така, некои го прават таратурот со вода, таан, ореви и слично. Некои сметаат дека таратурот е ист со зазики сосот, но треба да знаете дека тоа не е така. Најголемата разлика е тоа што таратурот се прави со јогурт и треба да биде течен, за да може да се јаде со лажица. А во оваа прилика, ние ви го презентираме традиционалниот рецепт кој со години се приготвува од нашите баби. Приготвен со јогурт, кисело млеко или павлака, со свежи краставици и лук, зачинет со сол и мелен црн пипер.

македонски таратур

Состојки:

  • 1 голема краставица
  • 2 чешниња лук
  • 1 ½ чаша јогурт од Здравје Радово
  • ½ чаша кисела павлака или кисело млеко од Здравје Радово по желба
  • 1 до 2 лажици маслиново или друго масло по избор
  • сол и мелен црн пипер по вкус
  • сушено или свежо нане по желба.

Подготовка:

  1. Краставицата се мие и се лупи, па се сечи на мали коцки.
  2. Чешнињата лук се чистат и се сечкаат ситно или се дробат со преса за лук. Лукот може да се приготви и на различен начин, така што може да се истолчи. Доколку се одлучите да го толчите, во садот ставете ги чешнињата лук и посолете ги. Толчете ги околу минута до две, а потоа додајте го маслото и продолжете со толчење.
  3. Во садот со лукот додајте го јогуртот и измешајте.
  4. Потоа додајте ја сечканата краставица, зачинете со мелен црн пипер.
  5. Измешајте повторно, а по желба додајте кисело млеко или павлака за да добиете погуст таратур. Сепак, тоа е прашање на вкус, па ако повеќе ви се допаѓа така, може да го приготвите и само со кисело млеко. Таратурот е готов, а по желба може да го зачините со нане, копар или магдонос. На здравје!

А како вие го правите таратурот? Би сакале да знаеме повеќе рецепти од различните краеви од Македонија, па споделете го вашиот рецепт во коментар.

Ви предлагаме да прочитате: Зазики сос – салата.

Сподели: