трилече со домашен карамел прелив

Трилече со домашен карамел

Досега неколку пати сме правеле трилече, а сега имаме нов рецепт. Овој пат, на предлог на Лидија, го споделуваме рецептот за популарното трилече со домашен карамел.

Лидија ни кажа дека преливот за колачот може да се направи на два начини. „Првиот е со 3 врсти на млеко, односно стандардно, кондензирано и слатка павлака. На вториот начин, трилечето се прави со млеко и слатка павлака, и малку шеќер. Колачето кое е на сликата, е направено по втората варијанта, но е преубаво“ – рече Лидија.

трилече со домашен карамел

Состојки:

  • 8 јајца
  • 180 грама шеќер
  • 300 грама брашно
  • прстофат сол
  • 2 лажички печиво
  • 2 лажички ванилин шеќер
  • 1 лажица млака вода.

За прелив:

  • 800 мл млеко
  • 600 мл слатка павлака
  • 300 мл кондензирано млеко

или

  • 1 литар млеко
  • 600 мл слатка павлака
  • 4 лажици шеќер.

За карамел:

  • 250 грама шеќер
  • 50 грама путер
  • 250 мл слатка павлака.

Подготовка:

  1. Во сад за матење се ставаат белките. Се додава прстофат сол и се матат со миксер додека се добие цврста пена.
  2. Жолчките се ставаат во друг сад за матење. Се додаваат шеќерот и водата. Жолчките се матат додека шеќерот се растопи и се добие густа смеса.
  3. Брашното, печивото и ванилинот шеќер се ставаат во длабок сад и се мешаат со лажица.
  4. Во садот со изматените жолчки се додава смесата со брашното и печивото. Смесата се меша со лажица, а потоа се додаваат матените белки.
  5. Полека се меша смесата за колачот со помош на силиконска лажица.
  6. Тавата со димензии 40*27 см се обложува со хартија за печење. Во тавата се става приготвената смеса за колачот.
  7. Трилечето се пече во загреана рерна на 180 степени за време од 25 минути.
  8. Печениот колач се вади од тавата и се остава кратко време за малку да се подизлади.
  9. Во меѓувреме се припрема друга хартија за печење, малку поголема од колачот.
  10. Колачот се превртува врз хартијата за печење. Се отстранува првата хартија за печење, а потоа со помош на чепкалка се прават мали дупчиња во пандишпанот.
  11. Колачот се враќа во тавата во која се печеше, но без хартија за печење. Притоа, горната страна на колачот, сега треба да биде долу поставена.
  12. Во длабок сад се ставаат сите млека кои ќе се користат за потурање на колачот.
  13. Врз кратко изладениот пандишпан постепено се додаваат измешаните млека. Се остава пандишпанот да ја впие течноста.
  14. Карамелот се приготвува така што во тенџере на оган се става шеќерот за да се растопи. Топењето на шеќерот најдобро е да се прави на ниска температура, а притоа треба да внимавате да не загори.
  15. Штом шеќерот се растопи, во тенџерето се додава путерот и се меша со дрвена лажица. Штом путерот се растопи, во тенџерето се додава слатката павлака. Се остава карамелот да вари неколку минути, додека се згусне.
  16. Карамелот се става врз пандишпанот.
  17. Готовото трилече со домашен карамел се сече на парчиња и се служи. На здравје!

Рецептот го испратил: Лидија Јошевска.

Ви предлагаме да прочитате: Рецепт за домашно трилече.

Сподели: