чоколадна торта

Чоколадна торта со еурокрем

Може да кажеме дека оваа чоколадна торта со еурокрем е една од нашите омилени и брзи торти кои ги приготвуваме за време на родендени или свечени прилики. Се прави со едноставни состојки, а е многу вкусна.

Доколку сте љубители на покремасти торти, зголемете ја количина на фил, а по желба може да додадете повеќе еурокрем, варен пудинг од чоколадо, изматена слатка павлака или шлаг. Рецептот е повеќе пати испробан во нашата кујна, па не двоумете се да го пробате.

чоколадна торта

Состојки:

  • 4 јајца
  • 200 грама шеќер
  • 50 мл масло
  • 250 мл млеко
  • 9 лажици брашно
  • 1 ќесичка прашок за печиво
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 1 лажица какао
  • 100 грама чоколадо за готвење.

Фил:

  • 100 грама какао (најдобро е да користите чоколадно какао)
  • 100 грама шеќер
  • 100 мл млеко
  • 250 грама путер или маргарин
  • 200 грама чоколаден еурокрем.

Подготовка:

  1. Чоколадото се ренда на ситната страна на рендето.
  2. Во сад за матење се ставаат јајцата и шеќерот. Се матат со миксер за да се растопи шеќерот и смесата се згусти.
  3. Во чинија се става брашното, прашокот за печиво, какаото, ванилиниот шеќер и убаво се мешаат.
  4. Потоа во садот со јајцата се ставаат млекото, маслото, сместа со брашното и се меша со лажица, за да се изедначат состојките. Во садот се додава ренданото чоколадо и повторно мешаме со лажица. Смесата за пандишпан ја ставаме во плех обложен со хартија за печење. Пандишпанот го печеме во загреена рерна на 200 степени за време од 20 минути. Штом пандишпанот ќе се испече (проверете со чепкалка), извадете го од рерната и оставете го да се излади.
  5. Во тенџере на оган, на средна температура ставете го какаото, шеќерот и млекото. Измешајте ги состојките, а штом шеќерот се растопи и се добро се соединат, тенџерето тргнете го од оган и оставете го филот да се излади.
  6. Путерот изматете го со миксер и додајте го во изладениот фил од какао. Во филот додајте го еурокремот и добро измешајте за да се добие хомогена смеса.
  7. Изладениот пандишпан извадете го од плехот и исечете го на 3 еднакви ленти. Првата лента ставете ја врз чинија за торта и нанесете 1/3 од филот. Потоа ставете ја втората лента и нанесете фил. На крај ставете ја третата кора и целата торта премачкајте ја со фил. Приготвената чоколадна торта декорирајте по ваш избор со парчиња чоколадо, чоколадни трошки, мелени лешници, бадеми и слично, и секако поканете ги пријателите за дегустација! На здравје!

Сподели: