домашен џем од малини

Џем од малини на француски начин

Карактеристично за овој џем од малини е тоа што се припрема од сок, а се отстрануваат малите семки, што го прави идеален за мали деца. Количината на наведените состојки е мала, а по желба може да ја зголемите доколку на располагање имате поголема количина на малини. И што е важно, не се користат конзерванси при неговото приготвување.

Добро е да знаете дека од 3 кг малини ќе добиете 2 литри на сок, односно 6 мали тегли од 0.33л џем. За да знаете кога џемот е варен, ставете мала количина во чинија и оставете го да се излади. Ако џемот е течен и лесно се движи при поместување на чинијата, треба дополнително да се вари.

џем од малини

Состојки:

  • ½ литар сок од малини
  • 350 грама шеќер
  • 100 мл ладна вода.

Подготовка:

  1. Малините ставете ги во цедалка и измијте ги под млаз ладна вода. Оставете ги за време од 2 до 3 минути да се исцедат.
  2. Потоа ставете ги во преса (или друг кујнски апарат) за да може да се исцеди сокот и да се издвојат малите семки. Исцедениот сок од малини ставете го мерен сад  и измерете ја потребната количина.
  3. Сокот, водата и шеќерот ставете ги во тенџере. Добро измешајте за да се растопи шеќерот, а на површината ќе забележите пена. Тенџерето ставете го на тивок оган. Повремено измешајте го сирупот. Штом сирупот ќе зоврие намалете ја температурата и отстранете ја пената со постојано мешање.
  4. Штом џемот ќе се згусне, тенџерето тргнете го од огнот. Топлиот џем од малини ставете го во чисти и топли тегли. Теглите покријте го со хартиена салфета и така оставете ги потполно да се изладат за време од 4 до 5 часа. Штом се изладат, на површината ќе се формира слаба кора.
  5. Изладените тегли добро затворете ги и чувајте ги со другата зимница.

Совет плус: Доколку приготвувате поголема количина на џем, добро е штом го ставите во топлите тегли, да ги затворите со капак и да ги свртите теглите со капакот на долната страна. Теглите оставете ги да се изладат, а потоа превртете ги и ставете ги кон останата зимница. На овој начин ќе се формира добар вакуум во теглите и ќе се намали можноста за расипување на џемот.

Ви предлагаме да прочитате: Чоколадни чаши со желе од малини.

Сподели: