Ајвар - рецепти за ајвар

Ајвар на македонски традиционален начин

Може да се каже дека превкусниот ајвар е омиленото традиционално јадење и белег на есента кој најголем број луѓе го обожаваат, а посебно кога е топол и пресно подготвен. Колку само добро мириса! Тој е познат како идеален придружник на ладните зими и храна која нема соодветна замена, а во комбинација со сирење се создава незаменливо и уникатно задоволство кое предизвикува вкусни сензации во устата!

Подготовката на ајварот до некаде е мачен процес, но крајниот производ е навистина вреден за трудот. Најчесто во Македонија за најголемиот број на домаќинства е карактеристична домашната подготовка, бидејќи домашно приготвениот ајвар навистина може да се натпреварува со купениот во продавниците не само по вкус, туку и по квалитет, изобилува со богати вкусни ноти и се издвојува по традиционалната уникатност. Најпрво се одбираат убави црвени пиперки кои се познати под името „ками“, бидејќи тие имаат убави рамни површини и се одликуваат со подебели ѕидови на пресек, што ги прави попогодни за натамошна преработка во споредба со потенките пиперки, кои пак се погодни за сушење.

Ајвар на македонски традиционален начин

Во продолжение проследете го домашниот рецепт за ајвар

Состојки:

  • 1 вреќа црвени пиперки (околу 25-30 кг)
  • 2 литри масло
  • 100 грама шеќер
  • околу 50 мл винска киселина
  • сол по вкус.

 Подготовка:

  1. Пиперките се мијат, па пожелно е да им се отстранат шишките, затоа што подоцна лупењето би било отежнато од многубројните семки кои сакаме да ги отстраниме за ајварот да биде чист.
  2. Така припремените пиперки се печат, а кога се печени се собираат во поголем сад со капак. Целта на капакот е да овозможи што подобро и полесно лупење.
  3. Излупените пиперки, исчистени од заостанатите семки и црни лушпи, најдобро е да се процедат барем неколку часа или пак да се остават преку ноќ, со цел да се добие што повкусен и посув ајвар кој долго ќе трае и ќе го задржи својот вкус. Доколку не сте во можност да чекате толку време и имате потреба веднаш да продолжите со процесот на преработка, постои можност да продолжите со подготовка бидејќи заостаната вода од пиперките ќе испари при пржењето, со мала разлика во конзистенцијата на ајварот, ќе биде за нијанса потечен во споредба со онај добиен од цедени пиперки и секако ќе треба подолго да се пржи.
  4. Пржењето на ајварот започнува така што најпрво се ставаат маслото, киселината, шеќерот и солта да се измешаат и малку да вријат, односно да се пропржат додека шеќерот малку зарумени, па се додаваат мелените пиперки и се меша за да се соедини смесата за пржење.
  5. Пржењето се одвива околу 2 до 3 часа, зависно од количината на пиперките. Интересно е што многу лесно можете да научите кога ајварот е готов. Штом при мешањето на ајварот забележувате дека зад лажицата останува трага и можете да го видите дното на тенџерето, значи ајварот е готов.
  6. Готовиот ајвар, додека е топол се собира во тегли затоплени на 50 степени и добро се затвора.

Земете парче сирење, топол леб и апетитната забава може да започне!

Сподели: