ajvar so modar patlidzan 1

Ајвар со модри патлиџани и моркови

Традиционално ајварот се приготвува со пиперки, а многумина прават варијации и додаваат модри патлиџан и моркови. Токму ваков рецепт за ајвар со модри патлиџани и моркови ни испрати Даниела.

Овој ајвар подеднакво е вкусен како и традиционалниот, па ако сакате да испробате нешто ново, овој рецепт е совршен за вас. Даниела за овој рецепт вели: „на крај откако ќе биде готов, традиција е задолжително да се печат колбаси на жар и ајварот може да се проба!“ За љубителите на нови вкусови им предлагаме и зелен ајвар.

ајвар со модар патлиџан

Состојки:

  • 30 кг црвени пиперки
  • 8 модри патлиџани
  • 3 кг морков
  • 1 ½ л масло
  • 3 лажици сенф
  • 8 лажици шеќер
  • 4 лажици сол.

Подготовка:

  1. Пиперките се мијат и се чистат од семките. Потоа се печат и лупат на вообичаен начин.
  2. Морковите се лупат, мијат и се ставаат во поголемо тенџере на оган со вода. Морковите се варат додека убаво омекнат.
  3. Модрите патлиџани се печат, лупат и се оставаат преку ноќ заедно со исчистените и излупени пиперки да се цедат.
  4. Утредента се мелат со помош на машина за мелење месо.
  5. Маслото се става во шерпа и се загрева. Во загреаното масло се додаваат мелените пиперки, модри патлиџани и морковите.
  6. Ајварот се пржи со постојано мешање додека лажицата почне да прави пат (народски кажано, а воедно и незаменлив начин да препознаете кога е готов).
  7. Кога ајварот ќе се испржи, се става во чисти, стерилизирани и топли тегли. Теглите со топлиот ајвар со модри патлиџани и моркови се затвораат со капак. Се превртуваат со капакот од долната страна и се оставаат да се изладат. Вакумираните тегли се превртуваат и се складираат со останатата зимница.

Рецептот го испратил: Даниела Џогова.

Ви предлагаме да прочитате: Ајвар на македонски традиционален начин.

Сподели: