Традионален рецепт за Бадникови питулици

Бадник е ден кога во секој македонски дом традиционално се подготвуваат Бадникови питулици кои се посни и тенки скоро колку лист хартија, а вкусот им е неутрален кон слабо солен. Специјално и празнично за вас, директно од нашата кујна!

Рецептот го правиме секоја година за Бадник и бидејќи неговиот состав се покажа одличен, топло ви препорачуваме да пробате Бадникови питулици подготвени според овој едноставен начин.

Бадникови питулици по проверен рецепт

Од искуство можеме да ве посоветуваме кашата за подготовка на питулиците да ја подготвите барем неколку часа пред да ги правите или уште подобро да ја оставите да престои во текот на ноќта, бидејќи така добива убава компактност, станува мазна и без грутчиња. Дозата ја прилагодува секој според своите потреби, односно бројот на питулици кој сака да го направи. Зависно од големината на тавчето во кое ќе ги подготвувате, од предложената доза ќе добиете околу 30-35 питулици. Пробајте и вие, воопшто не е тешко, потребен е малку труд и Бадниковите питулици ќе бидат на трпезата.

Состојки:

  • 1 литар вода
  • 1 лажица сол
  • 800-900 гр брашно.

Подготовка:

  1. Во поголем сад ставете ја водата и додајте ја солта. Убаво измешајте за солта да се стопи.
  2. Додавајте од брашното и притоа мешајте ја смесата убаво, со цел да има што помалку грутчиња.
  3. Откако ќе ги измешате сите состојки, проверете дали течноста е со потребната густина, а тоа ќе го знаете најлесно така што ќе ја споредите со течен јогурт. Во случај смесата да е погуста или поретка од посакуваното, слободно додадете дополнително вода или брашно, зависно од тоа што недостига.
  4. На оган, на висока температура ставете нелепливо тавче за палачинки да се загрее. Загреаното тавче премачкајте го со малку масло и ставете од смесата за питулици. Разнесете ја врз тавата и оставете да се пече за време од 1 до две минути. Потоа, питулицата свретете ја од другата страна. Печете уште минута до две. Постапката повторете ја додека ја потрошите цела смеса.

Уживајте во празниците и нека ни е на здравје!

Сподели: