Бели фереро топчиња.

Бели фереро топчиња

Сите кои го обожаваат вкусот на познатите ексклузивни десертни залчиња, сега може и дома да си ги подготват тотално неодоливите бели фереро топчиња и да уживаат во нивниот богат и уникатен вкус! 

Сме ги правеле многу пати до сега, а конечно дојде и нивниот ред да бидат споделени со сите вас. Омилени се во нашата кујна и навистина може да се каже дека нема доволно убав збор кој може да го опише нивниот вкус и убавина, елегантно и префинето уживање за свечени прилики, убави поводи, секојдневни и посебни моменти. Вредни за секоја калорија!

Бели фереро топчиња

Состојки:

  • 200 гр бел еурокрем
  • 200 гр несолени печени кикири за готвење
  • 100 гр млечни наполитанки
  • 100 гр бело чоколадо.

Подготовка:

  1. Најпрво иситнете ги наполитанките, тоа можете да го направите со помош на рацете или пак со кујнска машина за мелење.
  2. Несолените печени кикири исто така треба да бидат ситни, па најдобро измелете ги или толчете ги.
  3. Во длабок сад ги ставаме иситнетите наполитанки и кикири и го додаваме еурокремот.
  4. Смесата се меша да се изедначи, а бидејќи е леплива додека ги формирате топчињата можете да ги намачкате рацете со путер или едноставно повремено користете вода за да ја намалите лепливоста.
  5. Откако се готови, топчињата се ставаат во замрзнувач за време од 20-30 минути со цел да се стврднат.
  6. Потоа се припрема глазурата. Белото чоколадо искршете го на коцки и ставете го на тивок оган да се топи. Додека се топи чоколадото мешајте го.
  7. На крај, топчињата се чоколадираат и откако малку ќе се засушат се ставаат во фрижидер или може да се консумираат. Декорацијата е по ваша желба, а ние ја направивме со линии од црно чоколадо.

Вкусот на неодоливите и прекрасни декоративни бели фереро топчиња едноставно не се заборава. Топло препорачуваме да ги пробате!

Сподели: