Божиќни колачи со портокал и рум

Вкус кој инспирира! Може да ги јадете во комбинација со кафе, а во секој случај овие божиќни колачи со портокал и рум слободно може да се наречат и чајни колачи бидејќи одлично би го надополниле уживањето во шолја топол чај.

Рецептот за овие колачи е креиран за да биде таков што ќе ги усреќи сите кои ќе го пробаат. Превкусните божиќни колачи со портокал и рум доаѓаат директно од нашата кујна, а ги направивме со посебна љубов за вас. Нека се за многу години празниците. Уживајте во нив и во сите убави моменти со семејството.

Божиќни колачи со портокал и рум

Состојки:

  • 400-500 гр брашно
  • 1 ќесичка прашок за печиво
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 100 гр маргарин или путер
  • 200 гр шеќер
  • 1 јајце
  • кора и цеден сок од 1 портокал
  • 1/2 лажица рум.

Подготовка:

  1. Во сад за месење ставете го поголемиот дел од брашното, а потоа додајте ги прашокот за печиво, ванилиниот шеќер и шеќерот.
  2. Путерот или маргаринот е најдобро претходно да стои малку на собна температура за да е мек и лесен за месење. Додајте го и него во садот со брашното .
  3. Потоа додајте го јајцето.
  4. Портокалот убаво измијте го и изрендајте ја неговата кора, така што да не го рендате белиот слој кој би можел да му даде горчлив вкус на колачите. Потоа исцедете го сокот од портокалот и во него додајте го румот исто така додадете го во садот со останатите состојки.
  5. Измесете убаво компактно тесто. Предлагаме брашното при крајот да го додавате по помалку за да не ви биде претврдо тестото, а да биде доволно поврзано за да може да направите кора и да формирате колачи. Формите на колачите може да ги правите со калапи по желба, а дебелината на кората треба да биде нешто пониска од 1 см.
  6. Печете во загреена рерна на 180 степени додека колачите добијат убава златна боја.

На здравје!

Сподели: