Божиќно лепче со суво овошје и тиква

Божиќно лепче со суво овошје и тиква

Доколку сѐ уште го немате составено вашето празнично мени, ова е супер можност да пробате нешто ново. Во светот за божиќните празници се прави божиќно лепче, кое најчесто се приготвува со суво овошје. Многу е декоративно, па со сигурност ќе ја краси вашата празнична трпеза, а со неговиот совршен, сладникав вкус, дефинитивно никого нема да го остави рамнодушен. Бидејќи ова лепче е посно, може да го послужите и за вашите куќни слави.

Рецептот се подготвува од повеќе состојки, но е доста лесен за правење и ќе може да се снајдат и помалку искусните домаќинки. Пробајте го и нека е на здравје!

божиќно лепче

Состојки:

  • 1 2/3 чаши сенаменско брашно
  • 1/3 чаша кафеав шеќер
  • 1 чаша шеќер
  • 1 лажичка сода бикарбона
  • ½ лажичка каранфилче
  • 1 лажичка цимет
  • ½ лажичка морско оревче
  • 1/3 чаша масло за готвење
  • 1 чаша пире од тиква
  • ½ чаша сечкани ореви
  • ½ чаша сечкано суво овошје
  • семки од сончоглед и тиква по желба
  • шеќер во прав по потреба.

Подготовка:

  1. Во длабок сад измешајте ги брашното, шеќерот, содата бикарбона, каранфилчето, циметот и морското оревче.
  2. Во друг сад измешајте ги маслото, пирето од тиква и оревите.
  3. Сувото овошје промешајте го со малку брашно со цел да се спречи неговото пропаѓање во тестото. И него додајте го во смесата со пирето од тиква и маслото.
  4. Двете смеси соединете ги во една и промешајте ги добро се додека добиете хомогена смеса.
  5. Вака подготвеното тесто ставете го во намрсен калап за печење на леб во кој претходно сте додале малку семки од тиква и од сончоглед. Површината на тестото измазнете ја со помош на шпатула.
  6. Лебот печете го околу 1 час и 15 минути на 180 степени, во претходно загреана рерна.
  7. Откако ќе се испече лебот, најпрво треба добро да се олади, па потоа извадете го од калапот. На крај, изладеното божиќно лепче посипете го со шеќер во прав и послужете го. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Божиќен колач со суво овошје.

Сподели: